Од кујната на македонската кралица на тартуфите

Во рамките на „Винодонија“, изненадувањето дојде во облик на чоколадо, и тоа, чоколадо со тартуфи. Иако ексклузивното црно чоколадо со црн тартуф што летово можевме да го вкусиме во Хрватска беше направено од компанијата на хрватскиот крал на тартуфите, Џанкарло Зиганте, чоколадото на нашата Валентина Митрова, иако сѐ уште во скромна и импровизирана амбалажа, беше многу повкусно.

0
285

На годинешната „Винодонија“, освен многу стари, но и многу нови винарии, голем простор ѝ беше отстапен и на храната која претходните години имаше споредна улога. А знаеме дека и најубавото вино е уште поубаво кога ќе се спари со храна.

Нашите винари, кулинари и производители на храна пак, се навистина креативни, а доказ за ова се сите деликатеси, вклучувајќи ги во овој поим и храната и вината, кои можеа да се испробаат на годинешниот вински салон во хотел „Лимак“.

Вината се посебна приказна, а на оваа Винодонија најдовме многу стари пријатели, од гигантите „Тиквеш“ и „Сковин“, па до малите семејни винарии Наумчев, Јаковлевски, Иванов и некои сосема нови, чии приказни допрва ќе ви ги раскажуваме.

Меѓу веќе испробаните сирења на Давид Неделковски, месните деликатеси на македонскиот „Гавриловиќ“, гостиварчанецот Дамјан Гаврилоски, нашиот стар пријател Пеце Клечкароски и неговите вкусни намази од јаткасто овошје, но и неговото успешно крафт чоколадо, мармаладите на најсимпатичниот пар, Мирјана и Бранко Ангелески, најголем впечаток оставија новите производи на Валентина Митрова, која ние со задоволство ја нарековме „Кралица на македонските тартуфи“.

Имено, нејзината инвентивност кога станува збор за производите од тартуфи  е неисцрпна, па таман кога мислите дека веќе направила сѐ што можело да се направи со овој „дијамант на кујната“, таа ќе не изненади со нешто ново.

Овојпат изненадувањето дојде во облик на чоколадо, различно од она што летово можевме да го вкусиме во Хрватска и многу повкусно. Хрватското беше направено од компанијата „Зиганте“, на хрватскиот крал на тартуфите, Џанкарло Зиганте и беше ексклузивно црно чоколадо со црн тартуф, а ова на Валентина, иако сѐ уште во скромна импровизирана амбалажа (бидејќи не доаѓа од голема компанија туку директно од кујната на Валентина), беше многу повкусно.

Од истата лабораторија на вкусови дојдоа и вкусните бомбици со истата прекрасна арома на тартуф, после кои ништо друго што ќе вкусите и мириснете не може да ви го избрише овој вкус.

А тартуфите имаат 400 мирисни ноти кои ги препознаваат врвните готвачи и гурмани ширум светот. Ги користат многу кујни во светот, а особено во интернационалната висока кујна, но Валентина е доказ дека за ексклузивни производи некогаш се доволни само квалитетни состојки и бујна фантазија.

Додека готвачите уште не можат да се усогласат дали е тартуфот намирница или зачин, сите се согласни дека кога некој еднаш ќе го почувствува овој карактеристичен вкус, ќе го сака засекогаш. Валентина Митрова, производител на деликатеси од тартуфи, која заедно со сопругот е сопственичка и на единствената сертифицирана одгледувачница на кучиња-трагачи по тартуфи, ги користи наместо „вегета“, како зачин за сѐ.

Во производството на постојано нови деликатеси со тартуфи успешно ја следи и кумановецот Саша Стојчески, кој во својата понуда има сѐ поголем број вкусни производи со тартуфи.