Која е единствената вистинска разлика помеѓу кафеавиот и белиот шеќер?

Кога гледаме од здравствен аспект помеѓу консумирањето бел и кафеав шеќер, нема разлика, а единствената разлика може да биде поврзана со гурманското доживување.

0
813
Фото: Freepik

Пред околу 10 години, кафеавиот шеќер се сметаше за поздрава верзија на шеќер. Оттогаш се водеа многу полемики за тоа дали кафеавиот шеќер е навистина здрав или не, а свое мислење даваат и нутриционистите.

Кога гледаме од здравствен аспект помеѓу консумирањето бел и кафеав шеќер, нема разлика. Нема значителни разлики во однос на енергијата и хранливата вредност. Понекогаш се наведува дека кафеавиот шеќер има повеќе минерали, но овие количини се навистина занемарливи. Конзумниот шеќер не е извор на минерали и не можеме да го гледаме како извор на хранливи материи, туку извор на чиста енергија и „празни“ калории. Ниту кафеавиот ниту белиот шеќер всушност немаат нутритивни вредности, смета српската нутриционистка Ведрана Дучкиќ.

Таа додава дека единствената разлика може да биде поврзана со гурманското доживување.

Со оглед на тоа што вкусот на кафеавиот шеќер е поинтензивен, тој има предности во готвењето, а според некои е попривлечен по боја. Значи, станува збор само за неговиот вкус кој можеби има предност во однос на белиот шеќер, но од здравствен аспект не е поквалитетен.

Луѓето денес, наместо кафеав шеќер, прибегнуваат кон поквалитетни замени кои имаат низок гликемиски индекс, пониска калориска вредност и се погодни за дијабетичари.

Најчесто користат стевиа која воопшто нема калориска вредност и без проблем може да ја користат дијабетичарите. Шеќерот од бреза (ксилитол) има околу 40% помалку калории од конзумниот шеќер, а добра алтернатива е кокосовиот шеќер, исто така погоден за луѓе со дијабетес. И медот е одлична природна замена, иако има висок гликемиски индекс и многу калории, хранливо е богат, како и сирупот од јавор и агава, кои имаат многу здравствени придобивки.

Кога станува збор за внесот на кафеав и бел шеќер, најдобро е да го избегнувате.

Треба да јадете што повеќе сложени јаглехидрати, а што помалку едноставни, како бел и кафеав шеќер. Општата препорака е максимум 50 грама шеќер, а мислам дека бројката треба да биде уште помала. Шеќерот најдобро се внесува од природни извори преку овошје, житарки. Исто така, важно е да се прочитаат декларациите бидејќи го има во соковите, пекарските производи и разните намирници кои ги внесуваме во текот на денот. Високо рафинираните производи, преработената и конзервирана храна може да имаат многу шеќер, објаснува Дучкиќ.

Таа сугерира избегнување на двата вида шеќер поради неговата висока калорична вредност и гликемиски индекс што како последица може да има зголемување на телесната тежина, која може да доведе до други болести, од преддијабетес и дијабетес, отпорност на инсулин, кардиоваскуларни заболувања. Шеќерот може да доведе и до проблеми со црниот дроб и бубрезите, па дури и да предизвика некои видови на рак.