Франција ја забранува и пластичната амбалажа за овошје и зеленчук

Од Нова година Франција ја забранува пластичната амбалажа за овошје и зеленчук. За почеток е објавена листа од околу 30 видови овошје и зеленчук кои ќе треба да се продаваат без пластична амбалажа.

0
310
Фото: Pexels

Со новиот закон кој ќе почне да се применува од 2022 година, Франција ќе ја намали употребата на пластична амбалажа за речиси сите овошја и зеленчук, во обид да се намали количината на пластичен отпад.

Применувајќи го законот од февруари 2020 година, француската влада објави список со околу 30 видови овошје и зеленчук што ќе треба да се продаваат без пластична амбалажа. На листата, меѓу другото, се и празот, модар патлиџан и домати, како и јаболка, банани и портокали, пренесува Ројтерс.

„Во секојдневниот живот користиме неверојатна количина пластика за еднократна употреба. Целта на законот за кружна економија е да се намали употребата на пластика за еднократна употреба и почеста употреба, односно нејзина замена со други материјали или пакувања за повеќекратна употреба и рециклирање“, се вели во соопштението на Министерството.

Се проценува дека речиси 37 отсто од овошјето и зеленчукот во моментов се продаваат во пластична амбалажа, а се очекува дека оваа мерка ќе спречи користење на повеќе од милијарда парчиња бескорисна пластична амбалажа годишно.

Проблем ќе биде продажбата „на парче“

Франсоа Рош, претседател на Здружението на француски продавачи на овошје, вели дека преминот кон картонска амбалажа ќе биде доста тежок за толку краток временски период.

„Во исто време, проблем е продажбата на овошје и зеленчук на парче бидејќи многу клиенти го допираат, а на продавачите тоа не им се допаѓа“, вели Рош. Забраната за пакување е дел од повеќегодишната владина програма насочена кон постепено укинување на пластиката.

Во 2021 година, Франција ја забрани употребата на пластични сламки, чаши и прибор за јадење, како и кутии од стиропор во кои се пакува храна.

Сеченото овошје и ограничен број деликатесни овошја и зеленчук засега може да се продаваат во пластична амбалажа, но и тоа ќе биде укинато до крајот на јуни 2026 година.

Пластичната амбалажа беше забранета до крајот на јуни 2021 година за пакување шери домати, грав и праски, а до крајот на 2024 година за ендивија, аспарагус, печурки, некои видови салати и билки, како и за цреши.

До крајот на јуни 2026 година, малините, јагодите и другите деликатесни бобинки и слично овошје ќе треба да се продаваат без пластична амбалажа. Од јануари 2023 година, Франција исто така ќе ја забрани употребата на пакување храна за еднократна употреба во рестораните за брза храна што се консумираат на лице место.