Нов македонски производ: функционални колачи

Од компанијата „Жито Пром“ на денешната промоција на нивниот нов производ, линија на функционални, односно, здрави колачи, „препишаа“ да се консумираат 1 до 2 пакетчиња на ден

0
761

Новата линија производи на компанијата „Жито Пром“ – Гевгелија која беше претставена денес во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) содржи седум видови колачи кои, како што велат од компанијата, позитивно влијаат врз метаболизмот, како и врз целокупното здравје на луѓето.

Станува збор за проектот „Линија функционални колачи 4У“ реализиран во соработка со ФИТР. Колачите се збогатени со витамини, минерали, пребиотици, растителни влакна и други супстанции кои ги зголемуваат здравствените придобивки, како активен јаглен, колаген и јаткасти плодови.

Станува збор за т.н. функционална храна, нов тренд во прехранбената индустрија, чија цел е грижа за здравјето на потрошувачите.

Како што беше речено на денешната промоција, колачите се со различен вкус: на лимон, кокос, мед и суво грозје, некои содржат јаткасти плодови (лешници, ореви), некои темно чоколадо, а се направени со јачменово или овесно брашно и природен квасец, донесен од Италија, стар преку 100 години.

Секое пакување има по шест колачиња, а од компанијата препорачуваат по едно или дури и две пакетчиња на ден, од оние со колаген за повозрасните потрошувачи.

„Функционалните колачи се во согласност со светските трендови за исхрана и се идеална ужинка за оние кои живеат брзо, но внимаваат на себе. Со кафе или со чај, во канцеларија или во автомобил, колачите помагаат да се зачува енергијата и истовремено да се внесат корисни хранливи состојки. Придонесуваат за здравјето на коските, за посилен имунитет, пониско ниво на триглицериди и подобра контрола на телесната маса. Тие се здрав десерт и за децата“ велат претставниците на „Жито Пром“.

Новата производна линија е резултат на соработката меѓу индустријата, науката и државните институции.  Вкупната инвестиција е 225.000 евра, од кои Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) обезбедил 160.000 евра.

Во развивањето на оваа линија здрави колачи се вклучил и Технолошко-металуршкиот факултет, поточно катедрата за прехранбена и биотехнологија, каде што биле направени истражувањето и развојот.

„Жито Пром“ развива уште една нова линија – традиционални колачи.