Сланината на Гаврилоски ѝ донесе на Македонија уште едно злато

Претставници од многу земји веќе 32 години по ред доаѓаат во малото војводинско село Качарево, за да ги „вкрстат“ своите сланини на најголемата манифестација посветена на овој специјалитет.

0
1760

Сланинијадата во Качарево (Панчево, Република Србија) има статус на светска гастрономска манифестација затоа што на неа својата сланина ја изложуваат производители од сите краеви на светот. Така посетителите можат да пробаат сланина од Кина, Франција, Германија, Америка, Португалија, Романија, како и од сите земји во регионот.

Претставници од многу земји веќе 32 години по ред доаѓаат во ова мало војводинско село за да ги „вкрстат“ своите сланини на најголемата манифестација посветена на овој специјалитет.

Светската сланинијада настанала во 1987.година во локалната селска кафеана кадешто соселаните почнале расправа за тоа чија сланина е најдобра, највкусна и најдебела. Расправата отишла далеку, додека некој од нив не се досетил и на лице место организирал натпревар со дегустација за да се покаже кој е најдобар сланинар во селото.

И така веќе 32 години, со тоа што од година во година, бројот на учесници станувал сѐ поголем и поголем. Станува збор за најголемиот саем на сланина во светот на кој доаѓаат повеќе од 100.000 посетители од целиот свет, па и од Македонија.

Гостиварчанецот Дамјан Гаврилоски деновиве се врати оттаму и го донесе златниот медал за најдобрата сланина, и тоа веќе трета година по ред. Вели дека не бил изненаден од победата.

„Со оглед на квалитетот што го има мојата сланина и долготрајниот процес на кој се подготвува, искрено се надевав на уште една победа, иако конкуренцијата беше голема. Имаше над 350 учесници од целиот свет“, вели Дамјан кој претходно веќе беше носител на две признанија: шампион за најдобра сланина и минатата година – шампион за најдобро презентиран колбас.

Овој вљубеник во традиционално производство на месни преработки победи веќе три пати по ред. Според Дамјан, успехот е фантастичен со оглед на силната конкуренција и високите критериуми на оценувачите.

Сепак, и покрај натпреварувачкиот карактер, Гаврилоски вели дека помеѓу учесниците на оваа манифестација има и одлична дружба.

„Сите излагачи разговараат помеѓу себе, разменуваат искуства и сѐ е едно големо дружење и големо искуство. По објавувањето на победниците сите си честитавме меѓусебно и поминавме уште едно добро дружење.

Инаку, освен Сланинијадата, Србите имаат и други слични манифестации од кои една е посветена и на неговото величество – колбасот, па минатата година, на мое големо изненадување, на „Колбасијадата“ во Зрењанин ја освоив наградата за најдобар колбас, но оваа година не бев во можност да учествувам“, вели тој.

Правењето сланина и други сувомеснати трајни производи и колбаси долги години се дел од неговата семејна традиција:

„Овој начин на производство е наследство од моите баби и дедовци, и јас се придржувам на тој старински начин на производство“, објаснува Гаврилоски.

Иако лекарите препорачуваат консумирањето на сувомеснати производи да се сведе на минимум, господин Гаврилоски вели:

„Кај нас дома се консумираат само нашите производи затоа што тврдам дека се многу поздрави отколку некои производи кои имаат вештачки ароми и адитиви. Целото мое производство се базира на традиционален начин на обработка без адитиви и додатоци“.

Дамјан пак, како мајстор, секако дека ги испробува сите производи и прави измени за да го подобри нивниот квалитет, а најголеми дегустатори, вели, се моите потрошувачи на кои намногу им верувам.

Своите производи ги продава дома, па секој кој сака да купи може да го побара и да ги добие саканите производи.

А неговото презиме кое случајно е многу слично на славното Гавриловиќ, е веќе бренд во Македонија, па и пошироко.

Целото семејство Гаврилоски учествува во ова производство и му дава голема поддршка и помош на мајстор Дамјан.