Давид Неделковски, несуден археолог и поранешен басист кој стана козар

Предлогот на татко ми да го напуштиме градот и да чуваме кози во Раштак, го ставивме на гласање и тројцата (јас, мајка ми и татко ми), едногласно решивме да свртиме нов лист.

0
5606

Дваесетиосумгодишниот Давид Неделковски е поранешен студент на археологија, кој наместо да дипломира и да истражува археолошки локалитети, си ги зел документите од факултетот и заедно со родителите пред 6-7 години, го напуштил градот. Сега тројцата живеат во село Раштак кадешто се занимаваат со чување кози и со производство на млеко, млечни производи и јарешко месо.

„Пред неколку години заглавив во неолитот што го изучувавме и завршив во оваа професија. Притоа, мислам на суштинската револуција на човештвово – појавата на земјоделството и припитомувањето на животните“, вели Давид.

Својата и одлуката на неговите родители да си заминат од Скопје ја донеле едногласно, на предлог на татко му и решиле да си го сменат животот од корен.

„По потекло, по дедо ми, татко на татко ми, јас сум од Раштак, кадешто имаме стара куќа која е направена после Втората светска војна. Решивме да се преселиме таму со мајка ми и татко ми откако заклучивме дека ни треба некоја суштинска промена, бидејќи не се најдовме многу во работите кои ги работевме дотогаш. Предлогот на татко ми да се преселиме во Раштак го ставивме на гласање и едногласно го усвоивме. Сите заедно решивме да почнеме да одгледуваме кози и да произведуваме сирење и млеко. За почеток купивме 10 кози. Тоа беше пред 6-7 години. Никој од нас во живот немаше видено коза, а не пак да ги чува. Но научивме. За кози се одлучивме затоа што лактацијата кај нив трае најдолго, а пресуден беше и теренот на кој сега ги пасиме козите.

На почеток ништо не беше лесно. На пример, кога почнавме да ги носиме на пасење тие десет кози, јас и татко ми бевме како на кондициони тренинзи. Постојано трчавме по нив и кога само малку ќе се оддалечеа од нас, не фаќаше паника дека ќе ни избегаат. За оваа работа се потребни 4-5 години за козите да свикнат на стопанот и обратно, ние да свикнеме на нив и да изградиме некаква комуникација. Јас сум израснат во Скопје и кога почнавме не знаев буквално ништо за козите. Многумина мислат дека е лесно и дека тоа што имале дедо кој чувал кози е доволно, но едно е да дојдеш на два дена и да гледаш како некој чува кози, а друго е да се грижиш за нив. Исто така, на почетокот беше смешно и првото молзење. Татко ми фати една коза и ја измолзе, а потоа дојде на ред втората. Таа немаше млеко, но бргу сфативме дека нема затоа што е вусшност истата коза којашто тој тукушто ја измолзи“, раскажува Давид за нивниот нов почеток.

Сега тие имаат 50 молзни кози и 30 јариња и точно знаат која е која. Секоја коза и секое јаре си имаат свое име, освен јарињата кои се наменети за колење.

„Повеќе не ги мешаме, секоја си има свое име затоа што е поедноставно да му кажам на татко ми дека нешто ѝ се случило на Олга или на Петра отколку да му ја опишувам козата. Кога ги гледате вака сите ви се исти, но секоја е индивидуа за себе. Тоа е нешто неверојатно! Имаме меѓу нив и една маскота која ја викаме „Шарам барам“ и која се одзива на своето име. Таа е како синдикален водач на стадото. Имено, во зима, кога времето не дозволува тие да излезат и да прошетаат, добиваат храна во јасли. Кога ќе снема храна, тие не се бунат, но затоа Шарам барам се буни за сите“, се смее Давид.

Image may contain: tree, grass, outdoor and nature

Тие сега произведуваат млеко, сирење, млечни производи, урда, кисело млеко и слично. Она што нема да отиде како младо сирење, оди во канта за да зрее. Млекото го даваат како свежо што значи дека кога некој ќе го купи, мора прво да го свари а потоа да го консумира, а почнале да прават и кашкавал, но засега само за себе, пробуваат, експериментираат.

No automatic alt text available.

„Од неодамна имам еден пријател кој се грижи за маркетингот и продажбата, но се уште се снаоѓаме такашто продаваме на лице место, некои би рекле „на црно“, но јас велам „на доверба“ затоа што произведуваме многу малку па главно луѓето кои купуваат се наши познати и луѓе кои сакаат природна храна. Сестра ми која неодамна се омажи има дете па и тоа од неодамна е наш потрошувач. Планираме наскоро да почнеме и со достава до дома, со нова амбалажа и воопшто, да го кренеме целиот процес на некое повисоко ниво иако, да бидам искрен, не можеме да се снајдеме во законските регулативи, а од работа околу козите и јарињата и не останува баш многу време“, вели Давид.

Инаку, тој во „минатиот“ (скопскиот) живот, освен што бил студент по археологија, бил и басист. Меѓутоа, откако се разочарал поради непостојаноста на луѓето кои, како што вели, „сакаат да свират со тебе, ама сакаат да свират и во уште неколку бенда“, решил да го продаде басот и да си купи кокошки. За жал, работата со кокошките не излегла како што замислувал и планирал, па сега имаат само толку колку што треба за да имаат секогаш свежи јајца за појадок.

Иако е млад и претходно водел сосема поинаков живот, Давид вели дека сега ретко му се случува да излезе некаде навечер и да заглави па од диско да оди право кај козите како што се случувало почесто на почетокот, туку е комплетно посветен на работата.

Понекогаш кога е со козите наоѓа време за читање, но не во секој период од годината.

„За читање нема секогаш време, но во одреден период од годината кога нема многу одење, знам да си земам со мене и книга. Во овој период на пример, нема време за читање, бидејќи козите знаат дека има печурки па има многу одење наоколу. А што се однесува до печурките, откако имаме кози научив многу работи, а меѓудругото и дека не е точно она што велат дека, ако козата јаде некоја печурка, значи дека е безбедна и за луѓе. Напротив, научив дека желудникот им е составен од 4 дела и дека тие можат да јадат и отровни печурки и за разлика од нашиот, нивниот организам може да ги поднесе. А тука природата е прекрасна и еколошки чиста, но за жал, луѓето кои понекогаш доаѓаат на излети, не се доволно еколошки освестени. На пример, човек не може да не се изнервира после 1 мај. Во последно време се обидувам да влијаам на луѓето да бидат еколошки посвесни, но не вреди. Годинава, заради пластиката што ја оставија зад себе загубив една коза, ми умре, изела некоја пластика и умре“, раскажува Давид.

Дека не е се толку идилично како што изгледа на прв поглед, освен ѓубрето што го оставаат зад себе луѓето, проблем им прават и змиите.

„Вчера јарецот ми го касна змија, а во такви случаи мора веднаш да се интервенира затоа што некои од нив се отровни. Мене ова ми се случува вторпат. Кога првиот пат змија ми касна една од козите, му се јавив на еден дедо од соседното село кој ми е еден вид на ментор и ме советува за се што ми треба и тој ми даваше инструкции по телефон. Прво ме праша дали имам игла, а потоа, бидејќи немав, ми кажа да побарам глог, да ја врзам козата, да земам трн, да го издупчам местото кадешто има оток, потоа да го истискам, да го измачкам со земја и на крај да го поминам со вода. Фала Богу, козата е добра до ден денеска, а се надевам дека исто ќе биде и со јарецот кој настрада вчера“, вели Давид и додава дека за среќа, засега ниту него ниту татко му не ги каснала змија. Можеби, смета тој, ги брка музиката која си ја слуша додека е со нив, па со татко му наскоро планираат да земат разглас, да го стават кај козите и да им ги пуштаат Пинк Флојд.

Драгица Христова