Зелената салата не е безбедна за јадење

Вака Центарот за контрола на болести и превенција, ги предупреди американските потрошувачи, пишува Вашингтон Пост. За безбедноста на зелената салата кај нас го прашавме проф. Владимир Какуринов

0
1145

Зелената салата не е безбедна за јадење во било која форма, предупредиле од Центарот за контрола на болести и превенција (CDC) во САД, како одговор на новото избивање на болести предизвикани од особено опасен тип на контаминација со E. coli.

Центарот ги советува потрошувачите да ја фрлат секоја зелена салата што веќе ја купиле. Рестораните не треба да ја служат, продавниците не треба да ја продаваат, а луѓето не треба да ја купуваат, без разлика каде и кога се одгледувала зелената салата. Не е важно дали е сечкана или пак цела. Треба да се избегнуваат сите зелени салати.

Предупредувањето е објавено само два дена пред Американците да седнат на нивната Тенксгивинг вечера (24.11.), кога било објавено и дека 32 лица во 11 држави се разболеле од јадење контаминирана зелена салата. Од нив, 13 биле хоспитализирани, при што еден пациент страдал од форма на бубрежна инсуфициенција. Не се пријавени смртни случаи.

Потеклото на епидемијата е непознато и останува под истрага. Центарот не го ограничи предупредувањето за зелената салата од некоја посебна земјоделска област.

Вообичаен вид на Е. coli бил откриен кај шест од заболените лица и се чини дека се совпаѓа со бактеријата откриена при појавата на болести од контаминираниот лиснат зеленчук на крајот од минатата година, што ги зафати луѓето и во САД и во Канада. Оваа појава беше обелоденета во текот на јануари.

Пет лица починаа во најновата голема епидемија од контаминирана зелена салата која траеше од март до јуни оваа година и доведе до 210 случаи во 36 држави. Таа појава беше следена до регионот Јума, Аризона, но истражувачите никогаш не го дефинирале прецизно изворот.

Сите три епидемии – сегашната, онаа од Јума и онаа од минатата година – се предизвикани од контаминација од овој смртоносен вид наречен E. coli O157: H7. Тој произведува токсин Шига што може да предизвика хемолитичен уремичен синдром, тип на бубрежна инсуфициенција. До 1990-тите, повеќето случаи на Е. coli кај луѓето доаѓале од јадењето контаминиран хамбургер. Во последниве години, по реформите во сточарската индустрија, епидемиите најчесто се поврзуваа со лиснати зеленчуци, пишува Вашингтон Пост.

Го прашавме проф.д-р Владимир Какуринов, претседател на македонската регионална канцеларија на Европската групација за хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG), што мисли за оваа вест и дали истото може да се однесува на зелената салата која ја јадеме ние во Македонија.

„Изворите на E. coli O157:H7 се вообичаено: инфицирани црева на животни и фекално загадени води. Не знам што предвидуваат реформите во сточарската индустрија во САД, но ако реформите дозволуваат залевање на зеленчукот со вода од извори во кои се влеваат отпадни материи (фекалии) од животински фарми, а кои не се контролираат за присуство на патогени, тогаш ништо невообичаено да се јави оваа бактерија не само во марулата, туку и во други зеленчуци што се одгледуваат на отворени површини. Друга опасност е ако овие површини не се оградени (не спречуваат влегување на животни), па така инфицирано животно се ослободува од фекалиите на самата нива или зеленчук. Што се однесува до прашањето дали ние смееме да консумираме зелена салата од нашево поднебје, препорачувам само секоја марула добро да ја измиете со ладна вода и да ја оставите барем пет минути потопена во ладна вода пред да ја консумирате“, вели Какуринов.

Фото: Pixabay