Трио фантастико и волшебни гастро порции

Шеф Влатко Огненовски, шеф Игор Стојановски и шеф Елена Сотирова веќе еден месец функционираат заедно и ја „готват“ новата збогатена и сега веќе комплетна гастро приказна на ресторанот „Пастел“, во центарот на Скопје.

0
421

„Пастел“ е позната приказна во центарот на Скопје веќе цели 10 години, но последниов месец таму се случува една нова и уште подобра гастро приказна.

Додека претходно „Пастел“ одлично функционираше како патисери ет буланжери, место за појадок познато по врвните пецива и колачи, под палката на шеф Игор Стојановски, денеска, оваа понуда е збогатена со комплетно мени за ручек и вечера и со волшебните вкусови од „кујната“ на шеф Влатко Огненовски и неговата асистентка Елена Сотирова.

Шеф Игор Стојановски е школуван во Лозана, Швајцарија, кадешто се стекнува со врвно светско искуство во областа на креирањето на врвни пекарски и слаткарски производи и чоколадо. Во 2009.година го почнува проектот „Пастел“ кој ја збогати македонската кулинарска сцена со една автентична понуда и широка палета на вкусови: кроасани, лебови, кисели теста, дански пецива, макаронси, рачно изработени чоколадни пралини и уште многу други специјалитети кои имаат една голема маана – кога ќе ги вкусите, не можете да престанете да ги јадете.

Треба да пробате за да се уверите, вели Игор и задоволно се смешка кога љубопитно ќе го прашате што има во десертот кој штотуку во сласт сте го изеле.

Она што јас го пробав беше чоколаден колач кој отпрвин мислев дека ќе биде премногу тежок за да можам да го изедам цел па великодушно го споделив со шеф Огненовски. Тој ме убедуваше дека нема да имам проблем да го изедам цел, но сепак „ми помогна“. Се каев цела вечер. Се уште, секој ден во моите мисли е овој десерт со чоколадо и козјо сирење, бадеми и моркови, украсен со златниот печат на Пастел.

И за лебовите, кроасаните и многу други пецива на шеф Стојановски, е залудно да се пишува ако не сте ги пробале. Прво, се прават без квасец, од кисело тесто, па се многу поздрави од она што вообичаено имаме можност да го најдеме во останатите пекари. Но и тие се со маана – кога ќе ви тргне, нема застанување.

Во секој случај, она што шеф Игор го донесе во градот пред 10 години, концептот патисери ет буланжери, сега е збогатен, односно надграден во еден нов концепт на Wine and Dine, со кој добивме еден нов современ и модерен ресторан на старото место.

За новото мени се погрижи шеф Влатко Огненовски, кој своето искуство и кариерата ги има стекнато и изградено во неколку светски градови, Тоскана Париз и Њујорк, а благодарение на него повторно ќе имаме можност да го видиме во Скопје и неговиот прв учител, големиот италијански шеф Лоренцини Дучо кој во декември доаѓа во „Пастел“.

„Пред 1 месец решивме да го надополниме концептот на „Пастел“ со ручекот и вечерата и на тој начин се трудиме градот да добие еден реномиран ресторан со внимателно подготвена храна од природни, локални продукти, која ќе биде надополнувана и со гостувања на странски шефови. Планираме да промовираме автентични интернационални кујни и гостување на светски шефови, па така започнавме со двете вечери посветени на тајландската кујна, а за декември е планирано доаѓањето на Лоренцини Дучо и неделата на тосканска кујна“, вели шеф Влатко.

Според него, прилично нескромно, но вистинито, она што е специфично само за овој концептуален ресторан е тоа што има одличен тим, а сите во него се врвни во својот дел од работата.

„Имаме најдобар шеф специјализиран за пецива и десерти, а тука сме јас и мојата асистентка, релативно ново лице на ресторанската сцена во Македонија, но веќе искусен „соборец“ во мојата мисија – да направам револуција во македонското кулинарство преку креирање на современа македонска кујна со користење на нашите природни ресурси.

Во „Пастел“ ексклузивно ќе се јадат јадења што ги нема на ниту едно друго место во Македонија, па дури ни во другите ресторани што досега ги развивав со асоцијацијата „Шеф Огненовски“. На пример, на менито имаме рижото мохито, зајачко на медитерански начин подготвено со свежа жалфија, рузмарин, многу ароматични тревки, капари, маслинки, и како многу битен дел, лебот аутентик и фокача што ги користам за ручек и вечера и кои го подигнуваат концептот на „Пастел“, а се додадена вредност на моите јадења. Се разбира, сето ова завршува со десертите кои ги прави нашиот шеф Игор Стојановски, па конечно можам да кажам дека е ова еден ресторан кој изгледа токму така како што треба да изгледа врвен ресторан, од производство на домашен леб, оригинални јадења со локални и здрави продукти, до домашен десерт.

Секако, заедно со нас е Елена Сотирова, дипломиран готвач на факултетот за гастрономија, исхрана и диететика при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која веќе двеипол години е мој асистент и соработник и е одлична во она што го прави“, вели Влатко. И навистина, ја искористив можноста да пробам зошто е Елена толку добра и, верувајте, подобри домашни њоки не сум јадела.

Сѐ заедно, сето ова, вкусната храна, вкусното вино, а особено оној познат пристап на шеф Влатко поради кој се чувствувате како единствен и најважен гостин во целиот ресторан, ќе ви ги наполнат и стомакот и егото. Па можеби затоа и симпатичното семејство кое седеше на соседната маса, мајка, татко и нивната ќерка, си заминаа со широки насмевки на лицата. Ќерката го доби и најубавиот подарок, торта и роденденска песна од шефот и двајцата млади келнери кои ги покажаа своите гласовни квалитети. На цел глас!

И добро вели шеф Игор: „Треба да дојдете и да видите, најкомплетни и најквалитетни сме, пецива, јадења, десерти, едно обично рижото ќе нарачате, а Влатко ќе направи волшепство, леб, не може да престанеш да го јадеш, а што е најважно, не сме ни многу скапи. Поточно, тој квалитет за тие цени тешко дека можете да ги најдете било каде на друго место. И навистина сум среќен затоа што барем досега немавме ниту една негативна, па дури ни средна реакција, сите се воодушевени. Дефинитивно, не беше комплетна приказната, но сега имаме сѐ и верувам дека за кратко време ќе се чека ред за да се седне тука“, прогнозира шеф Игор.