Прв Пивски салон на занаетчиско пиво: Крафтинг Македонија 2018

Да правиме пиво наместо војни, и да градиме мостови наместо ѕидови – порачува Марјан Костадиновски, еден од организаторите на настанот и производител на занаетчиско пиво од 2010 година

0
383

На 3.март (сабота) во Скопје ќе се одржи првиот Пивски салон со учество на 12 производители од Скопје, Велес, Куманово, Битола и еден гостин од Грција.

Настанот е во организација на порталот Сакампиво.мк кој се грижи за промоција на пивото и пивската култура во Македонија на едно повисоко ниво, поддржан од  конвивиумот Слоу фуд Водно (огранок од мрежата Слоу Фуд Македонија) и фејсбук групата „Домашно пиварство Македонија“.

„Имаме чест да ви го претставиме првиот Пивски Салон – и да ве запознаеме со домашната пивска сцена. Домашна пивска сцена? Да, тоа се оние луѓе кои произведуваaт пиво во домашни услови, во кујна, во гаража, креативни секој на свој начин и со многу љубов и почит кон овој древен пијалок. Овие пива не може да ги најдете во продажба зашто се во мали количини, за себе и за своите пријатели и затоа овој настан е ретка и ексклузивна можност да пробате дел од овие мали дела на големите мајстори. Некои се создадени од 100 отсто локални состојки и се еден вид на мал експеримент дека и од тоа што може да се најде во ова поднебје може да се создаде добро пиво“, вели Марјан Костадиновски, еден од организаторите на настанот, производител на занаетчиско пиво од 2010 година и сопственик на порталот Сакампиво.мк.

Настанот ќе биде збогатен со закускa – традиционални мантии (со месо, но и со компири, специјално за настанот, наменети за оние што постат) од „Себил“ – традиционална кујна во скопската населба Чаир, а ќе можат да се купат и рачно дизајнирани маици со пивски апликации од модната дизајнерка Мелани Дигит, креации со пивски тапи од модната дизајнерка за облека и накит Александра Велјановска, а ќе биде изложена и првата рачно изработена дрвена кригла. Локална поддршка за овој настан ќе има од Крафт пиварата Темов, Староградско пиво, како и свежо точено Наше македонско пиво.

„Идејата за ваков настан беше логичен след на настаните кои се случуваат на регионалната пивска сцена, која е во енормна експанзија.

До пред неколку години можеа да се избројат само неколку занаетчиски микропиварници, за денеска оваа бројка речиси секојдневно да расте. Пивата имаат карактер, и постојат илјадници пивски стилови собрани во еден заеднички каталог од 2015. година објавен во САД, а се користи во цел свет.

Бранот на лудилото познат како „крафт/занаетчиско“ пиварство го зафати и целиот Балкан. Затоа се одлучивме и за организација на ваков настан на локално, а во иднина и на регионално ниво.

Во иднина, ако сѐ тргне како што треба, желбата е ваков настан да се одржи и во некој соодветен галериски простор кој претставува совршен спој на занаетчиското пиварство кое е поврзано со уметноста – од моментот на креацијата во процесот на производство, преку дизајнот на пивата со несекојдневни етикети, до нивна промоција. Живееме во време на позитивни промени.

Виното и ракијата се дел од нашата традиција и секојдневје, новите генерации се насочуваат кон новите вредности. Да ги поддржиме.

Затоа и нашето мото ќе биде – Време е да пробаш вистинско домашно занаетчиско пиво, бидејќи тоа и го заслужуваш, како и – Да правиме пиво наместо војни, и да градиме мостови наместо ѕидови“, велат организаторите.

Место на настанот е Кашмир кафе Скопје од 15 до 18 часот.

Со партиципација од 200 денари секој посетител ќе добие чаша и можност за дегустација на сите изложени пива.