Пехарот „Куп Бисер мора“ 2016 и 13 медали во рацете на македонски готвачи

Никола Мишковски, капитен на тимот на Гастро мак, шеф на кујна во ресторан „Камник“ освои златен медал во категорија приготвување риба.

0
1183

Македонските готвачи-шефови на кујни освоија 13 медали на 11-тиот гастрономски фестивал „Бисер мора“ 2016 што во организација на шефови на кујни на медитеранските и европските региони SKMER, се одржа од 07 до 10 април во Супетар на Брач, Хрватска.

Македонскиот национален тим се врати со пехарот „Куп Бисер мора“ 2016 и 7 златни медали, 5 сребрени медали и еден бронзен медал.

Тимот на Здружението на готвачи Гастро Мак се натпреварувал во сениорска конкуренција во 5 категории: приготвување рижото, вегетаријанско јадење, пилешко, јагнешко и риба.

Никола Мишковски, капитен на тимот на Гастро мак, шеф на кујна во ресторан „Камник“ освои златен медал во категорија приготвување риба, a златен медал за вегетаријанско јадење и сребрен медал за приготвување рижото освои Бобан Симоновски шеф на кујна во ресторан „Скара бар“. Златен медал во категорија риба, златен медал за приготвување јагнешко и диплома за приготвување на пилешко освои Зоран Андонов, шеф на кујна во ресторан „Албис“ Гостивар. Златен медал во категорија јагнешко и златен медал во категорија пилешко освои Дејан Карапеев, шеф на кујна во ресторан „Фрути ди маре“. Златен медал во категоријата приготвување риба, сребрен медал за јагнешко и сребрен медал за приготвување на вегетаријанско јадење освои Зоран Мајновски, шеф на кујна во ресторан „Естел“. Сребрен медал во категорија приготвување на вегетаријанско јадење и бронзен медал за подготвување на пилешко освои Бобан Билбиловски, шеф на кујна во ресторан „Електра гарден“ Тетово. Сребрен медал во категорија приготвување риба и диплома за подготвување на пилешко доби Ментор на тимот на Гастро Мак на натпреварот „Бисер мора 2016“ година беше Марк Де Јонг, шеф на кујна и интернационален консалтинг.

DSC_1242

Шеф Никола Мишковски ја доби титулата „Мајстор кувар“ на SKMER. Ова признание се добива за исклучителни вештини, знаење и посветеност во унапредувањето на еногастрономската култура.

DSC_1243

На натпреварот учествуваат готвачи и шефови на кујни од 20 земји: Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Македонија, Словенија, Грција, Словачка, Полска, Украина, Турцијa, Австрија, Русија, Исланд, Индија, Велика Британија, Италија, Белорусија, Јапонија, Албанија.

DSC_1244

Извонредниот настап на шефовите на кујни од Македонија беше заокружен со подготовка на Македонската вечер, на која готвачите подготвија вечера за над 350 учесници на фестивалот. Гостите во духот на традицијата беа пречекани со домашна погача и сол, а, на трпезата беа застапени многубројни традиционални јадења од познатото тавче гравче, мусака, турлитава, компир манџа, повеќе видови меса приготвени на традиционален начин, како и познатите пинџур, ајвар, макало, македонски кашкавал и сирење. Во делот на десертите беа послужени слатко до смокви, кадаиф, баклава и раванлија. На воодушевување на гостите вкусната храна подготвена од врвните македонски готвачи беше надополнета со големиот избор на македонски вина од винариите „Стоби“, „Далвина“, „Виналија визба Валандово“ и познататите вина и струмичка мастика на „Грозд“ Струмица.