Француска традиција во велешкото село Сујаклари

Beaujolais Nouveau традиционално се одбележува во Франција со огномет, музика и фестивали, но истата традиција веќе 15 години се случува и на едно ритче во селото Сујаклари, Велешко

0
640

Повеќедецениската француска традиција на дочек на првото младо вино божоле нуово, веќе 15 години е традиција и во винаријата „Тристо“ во селото Сујаклари во близина на Велес. Тука, на еден мал имот, со малечка винарија но со големи дабови буриња, секој трет четврток во месец ноември, се одбележува Виноден „Божоле“ (Beaujolais). Во светот се сѐ попопуларни младите вина, па кога ќе го пробате еднаш и ова, ќе ви стане јасно зошто!

DSC03635Beaujolais Nouveau традиционално се одбележува во Франција, на третиот четврток во месец ноември, со огномет, музика и фестивали. Според францускиот закон, виното почнува да се точи во една минута по полноќ и по овој повод се организираат забави низ целата земја па и вон нејзините граници, со цел да се прослави првото вино од сезоната.

На едно ритче во селото Сујаклари, Велешко, во непосредна близина на езерото „Младост“, винаријата „Тристо“ го прославува Виноденот во Македонија почнувајќи од 2002 година, под називот „Тристо Виноден“. На имотот и во винаријата на господин Ристо Ташев, чие вино ги носи етикетите „Тристо“ тоа се прави малку поинаку. Наместо на полноќ, прославата почнува во 14 часот и трае сѐ додека има гости. Ние бевме токму навреме за да го слушнеме говорот на господин Ристо кој оваа јубилејна, 15-та година откако го прославува божолето, им посака добредојде на сите присутни меѓу кои, освен постојаните, неговите најблиски пријатели, секогаш има по некои нови пријатели на пријатели кои потоа стануваат редовни посетители, но и вљубеници во виното од овој повардарски регион.
DSC03602
Годинава, екипата на Арт кујна беше дел од прославата и сведок на една весела дружба и многу среќни лица. Дружба залеани со вкусно вино направено со многу љубов и вкусни трпези распослани и во внатрешноста на оваа куќа на врв од ридот, но и надвор, кадешто цело време додека уживате во прекрасните вкусови и мириси ве галат и ноемвриските топли сончеви зраци кои, како што велат домаќините, се секогаш присутни на овој ден веќе 15 години со ред.

Според верувањето, откако ќе се отвори на овој ден, виното мора да биде испиено до Божик. Она што е заедничко помеѓу младото француско вино божоле кое се прави од црвено грозје од сортата гама која се одгледува само во Бургундија, е тоа што и за виното Тристо, како и за божолето, секој грозд е рачно набран, а го карактеризира исклучителен мирис и нежен и хармоничен вкус. Со оглед на тоа што и Македонците, како и Французите едноставно обожуваат прослави, ова е само уште еден повод да се соберат на едно место и да се провеселат. Божолето настанало кон средината на минатиот век а името го добил по областа во Франција. Во светот денеска сите слушнале за ова вино и за тоа кога тоа треба прв пат да се проба. Се служи со ладни јадења, месо, риба и се разбира, кашкавал и брускети со многу маслиново масло, босилек и рузмарин.

DSC03639
Една од лекциите кои ги научивме кај господин Ристо е дека белото вино само кога е младо има најинтензивен мирис кој како што минува времето станува сѐ послаб, за разлика од црвеното вино чиј мирис со времето станува сѐ поинтензивен.

Сесрдната посветеност кон правењето вино е голема страст на творецот и сопственик на овој шармантен малечок дом на виното. Винаријата на господин Ристо е класична шато-винарија, односно, винарија во лозје и виното се произведува исклучително од сопствено произведено грозје. Виновите насади се наоѓаат околу винаријата, такашто од бербата на грозјето до преработката не изминуваат ниту 30 минути. Според зборовите на овој голем љубител на скапоцените гроздови капки во кои се впила сета сончевина од Повардарието, целта на создавањето на винаријата „Тристо“ е да се создаде место кадешто ќе може да се ужива во виното и другарувањето среде идилична и живописна природа, како своевидна прослава на сите сетилни уживања – добрата голтка, вкусната храна и прекрасниот пејсаж кои ги спојуваат пријателите и семејството во една топла, бесконечна приказна; приказна која ќе трае со генерации…