Пикник во градот, одлична идеја за следното лето

„Мал пикник“, шармантен летен настан што секој август го претвора Горен град во Загреб, во место на среќни собири и уживање во локални деликатеси, носи вистинско освежување во градската понуда на културно-туристички содржини. Одлична идеја за сите што го минуваат летото во градот, нели? Во кој било град, па зошто да не и во Скопје?

0
185

Под крошните на дрвјата во прекрасниот парк Бела IV. на Горни град во Загреб, последниот петок во август завршува годинешното издание на Малиот пикник. Ова е настан на кој загрепчани во опуштена атмосфера се релаксираат седнати или легнати, кој како сака, на посланите ќебиња со поглед на градот и уживаат во истражувањето на летните вкусови на малите локални производители. Сето тоа спакувано во вкусна пикник приказна.

Малите производители кој обично се продаваат онлајн преку Мали плац – Little market (Малиот пазар) носат едноставни, здрави и локални деликатеси – порции со козјо и кравјо сирење, два вида тиква, плескавици од сезонски зеленчук, домашни печива од кисело тесто, бесквасна фокача и лепчиња без глутен, крекери со хумус, органски малини, штрудла со јаболка, штрудла од бобинки, чоколадни колачиња и вегански десерти, искрени вина во сите бои, крафт пиво и природни сокови, навистина многу разновидни закуски од локални и сезонски состојки посветени на вкусовите на традиционалната кујна.

Сето ова, како и опуштените разговори под светлина на свеќите, лежењето на трева врз распосланите ќебиња, романтичниот амбиент и посебните заеднички моменти се оние мали нешта што му даваат посебен шарм на Малиот пикник, додавајќи го на списокот на настани што мора да ги посетите барем еднаш. Во случај на дожд, малиот пикник се одложува за недела.

Влезот е бесплатен, а сè што треба да понесете со себе е добро расположение!

Одлична идеја за кој било град, нели?

Фото: Фејсбук