Здравата храна е тренд

0
934

Денеска нема општоприфатена дефиниција што би можело да се смета за здрава храна. Но факт е дека постојат многу студии и научни докази дека вообичаениот современ начин на исхрана би можел да се смета за нездрав. Денеска во медицината е добро познато дека храната богата со заситени масти и холестерол (поголемиот дел од  храната со животинско потекло е таква), го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар, рак на простатата и на дебелото црево. Познато е и дека на Запад овие болести попримиле размери на вистинска епидемија.

Од друга страна, во Јапонија, Африка, Филипините и во други делови од светот кадешто луѓето не јадат многу намирници со животинско потекло, процентот на срцеви заболувања е многу помал отколку во САД и во други развиени земји. Истото важи и за разните облици на рак – народите кои консумираат малку животински протеини и маснотии имаат многу помал процент на заболувања од рак на дебелото црево, простата, дојките и други распространети облици на оваа болест.

Што јаделе нашите претци

Прашајте ги повозрасните луѓе во вашето семејство што јаделе кога биле деца. Веројатно ќе ви одговорат дека не јаделе многу месо. Оброците им се состоеле главно од црн пченичен или р’жан леб, зелка, репа, компир, пченка (палента), разни каши од житарки. И не заборавајте сето тоа биле производи кои се денеска прилично скапи и кои ги нарекуваме „органски“ – затоа што биле одгледувани без никакви пестициди и други хемикалии.

Пред Втората светска војна, дури и индустриски произведената храна содржела само пет-шест видови хемикалии. Денеска и во земјоделското и во индустриското производство на храна се користат илјадници хемикалии!
Некаде на почетокот од 20 век срцевите болести биле многу ретки, а само еден од 27 луѓе би добил некој облик на рак. Денеска, статистички гледано, во развиените земји од рак заболува секој трет жител!

Ставовите се менуваат

Додека во првата половина од 20.век официјалниот нутриционизам сметал дека колку што е храната покалорична и колку што има повеќе животински протеини, толку подобро, сега превладува сосема спротивно мислење. Истражувањата покажале дека Медитеранците кои консумираат сосема малку месо и заистени масти, а многу мешунки, житарки, зеленчук, овошје и доста незаситени масти (пред сѐ, нерафинирано маслиново масло), живеат подолго. Ист е случајот и со Јапонците, чија исхрана е слична на медитеранската.
Исто така, добро засновани и документирани истражувања на здравјето на вегетаријанците покажале дека вегетаријанците се исто така поздрави и во просек живеат подолго, што го навело Американското здружение за исхрана како свој официјален став да го објави тврдењето дека вегетаријанската исхрана во однос на класичната има низа здравствени предности.
На Запад, здравата храна е одамна „ин“, а полека станува и кај нас. Статистиките покажуваат дека бројот на оние кои почнуваат да преминуваат на медитеранска, на вегетаријанска или на макробиотичка исхрана, постојано расте. И тоа е несомнено дел од еден нов, популарен животен стил.

Како што одминува 21.век, во свеста на целиот свет сѐ појасно се стекнува увид дека здравјето го создаваме ние самите, со својот вкупен став кон животот и со своите секојдневни навики. Затоа и расте бројот на оние кои настојуваат да живеат поинаку, на начин кој би можел да се нарече – здрав животен стил. Тој подразбира избалансиран начин на исхрана, редовна физичка активност, свесно усмерување кон постигнување на емоционална и ментална стабилност, практикување на техники за намалување на стресот и развој на скриените човечки потенцијали .