На дегустацијата на современата шведска кујна организирана за онлајн заедницата на љубители на гастрономијата и новинари вниманието ми го привлекоа две девојки кои седеа отспротива и дегустирајќи со израз на вистински познавачи, постојано коментираа. Коментарот кој го привлече моето внимание се однесуваше на споредбите на она што го испробуваа со кулинарската умешност на нивните баби како врв на светската гатрономија. Се разбира, излезе дека девојките не само што знаат да уживаат во храна, не само што нивните баби се одлични кулинари, не само што тие двете прават навистина фантастична храна, туку и знаат како да ја споделат и од оброкот да направат цел настан и вистинска свеченост. Двете симпатични и насмеани девојки се Аида Реџепагиќ, инаку, по професија инженер по информатика и Елена Џајкоска, инженер по телекомуникации, меѓу скопските гурмани познати како Миси Онион.
Тие двете, инаку, по професија електро-инеженери, организираат вечери на кои можат да дојдат само ограничен број уредно пријавени гости, а секоја вечера/настан се одржува во интимна атмосфера, честопати на различна локација, кадешто менито, присутните гости, музиката и атмосферата се внимателно одбрани и балансирани, создавајќи комплетно кулинарско искуство.
Што е Миси Онион и зошто токму Миси Онион ?
Миси Онион се води од идејата на таканаречени supper clubs, underground dinning, pop up dinners, кои го негуваат концептот каде вечерите се специјално приготвени за ограничен број на гости, со веќе изградено мени, ексклузивно еднаш во месецот поради квалитетот на изведбата и на точно одредена локација која не е јавно позната. Секоја вечера е уникатна, со внимателно конципирана тематика, расположение, музика и храна. И што нам најмногу ни претставува задоволство, храната е свежа и домашно приготвена.
Миси Онион е она што вистински ја рефлектира нашата амбиција и креативност.
Кои се луѓето кои стојат зад овој „бренд“?
Две девојки, другарки, Аида Реџепагиќ и Елена Џајкоска, вљубенички во добриот залак, искреноста на луѓето, убавиот збор. Сакаме да се смеемe и да се развиваме заедно со Миси Онион.
Дали вие две сте постојан тандем за готвење?
Без претходно формално образование, по неколку кратки, полни со ентузијазам разговори, првата Mиси Онион вечера беше официјално зачната со покана на гости кои беа наши блиски пријатели. Ова се случи пред 4 години, готвевме Beef Bourguignon, Пате од пилешки џигер и коњак, домашно приготвен леб. Тоа ни беше прв заеднички настап и комплексно мени за изведба. Од тогаш готвиме секогаш заедно, претставувајќи ја нашата пасија и посветеност кон гастрономијата преку овој бренд. Се надополнуваме во идеите, пристапот на работа, динамиката, градењето и непрекинатото истражување на поинакви профили на вкус.
Кои кујни се во центарот на вашиот интерес, која е онаа за која сте се покажале како највешти но и најмногу сакате да ја консумирате?
Италијанската кујна ги почитува едноставноста во примената и квалитетот на состојките и дисциплината на нивната подготовка, а сепак со присуство на семеен топол момент. Тврдиме дека тоа се клучните двигатели за воздигнување на едно мени и поврзување со храната преку нејзината подготовка.
Целиме кон диверзитет на вкусовите и нивно откривање, поради тоа ни е тешко да се одлучиме за конкретна кујна.
Како воопшто почнавте да готвите и дали го правите тоа професионално, или одвреме навреме, можеби повеќе како хоби?
Фамилијата е таа што не доближи вистински да ја уживаме храната. Ненаситноста кон богатата хармонија на вкусови и креативноста ни се мотив и инспирација да готвиме. И секако, непроценливото чувство кога ги правите луѓето среќни преку она што ни е љубов.
Покрај фамилијата, партнери во откритијата ни се Anthony Bourdain, Munchies – каналот за храна на Vice, Massimo Bottura, Ferran Adrià, мајките, татковците, бабите и дедовците што си негуваат специјалитети со свој автентичен печат. А ако бидеме уште поискрени, инспирација наоѓаме насекаде. 🙂
Миси Онион сосема природно преминува од хоби во професија, и тој начин на развој ни се допаѓа.
Каква храна сакате, дали сте широки во тој поглед, односно, сакате ли да пробате од се, за да можете да се откажувате од одредена храна во иднина или априори сте отфрлиле одредени јадења или одредена намирница?Јадеме се и со секого, готвиме се и за секого.
Колку често организирате гастро вечери и каде се случуваат тие најчесто?
Pop up вечери организираме еднаш во месецот преку EatWith (https://www.eatwith.com/offering/15075/) кадешто може да се резервира датум, место и мени за веќе дефиниран буџет/карта. На овие настани, секој детал од вечерта е внимателно планиран и избран, атмосферата е интимна, и што е најуникатно, непредвиденото присуство на различни гости е супер забавно! Спонтаноста на гостите е харизмата на Миси Онионските вечери. Следната вечера која ја подготвуваме ќе вклучува и кратка работилница за домашна паста (https://www.eatwith.com/offering/15826/) пред дегустацијата на подготвеното мени.
Покрај тоа, сакаме и соработуваме со сите со кои ја споделуваме дражта на иновативноста. Ресторанот Лира се едни од нашите пријатели каде организиравме интимна вечера за 10-тина гости.
Драгица Христова