Врвните светски готвачи се собраа во Струмица

Од денеска па до 12.октомври, во Струмица се случува третиот меѓународен ГастроМак, под мотото „Залче од светските вкусови!“

0
88

Од денеска па до 12.октомври врвни светски готвачи повторно ќе се сретнат во Македонија, на Третиот меѓународен гастрономски натпревар – ГастроМак 2018. Местото на случување е повторно Струмица, а традиционален домаќин повторно ќе биде Хотелот Вила Парк.

Овој годишен светски собир на кулинарските мајстори и натпреварувачи, е во организација на ГастроМак – Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, а под покровителство на WACS – World Association of Chefs Societies (Светската организација на шефови на кујни), со седиште во Париз, Франција.

Општината Струмица и Хотелот Вила Парк се традиционални организациски и логистички поддржувачи на едно од најголемите годишни гастрономски случувања во регионот и пошироко.

„Настанот е целосно од отворен карактер. Сите се поканети и добредојдени да вкусат Залче од светките вкусови! Со несебичната поддршка од WACS, годинешното натпреварување е со предзнак – континентално, што дефинитивно значи етаблирање на ГастроМак и градот домаќин – Струмица, за ѕвезди на светската гастрономска мапа. Најавуваме петдневен настан за паметење“, изјави Адријана Алачки, Претседател на ГастроМак асоцијацијата.

На ГастроМак Македонија 2018, најавено е присуство на околу петстотини судии, мастерклас предавачи, натпреварувачи, специјални гости, од над триесетина земји од целиот свет.

Натпреварувачките денови се 9, 10 и 11 октомври, ќе се одвиваат во посебно подготвениот простор во Централната сала на Хотелот Вила Парк, на првиот кат.

Со оглед на тоа што настанот е целосно од отворен карактер, сите заинтересирни ќе можат одблиску да ги видат на дело светските гастрономски експерти, но и да пробаат од подготвените јадења.