Училишна градина – училница на иднината

Некои дечиња не сакаа да чепкаат во земјата, други го правеа тоа со задоволство, вели Василка Стефановска, претседател на Слоу Фуд Водно, со чиј проект за градини во рамки на училиштата, за кои ќе се грижат самите деца и наставниците обработувајќи со нивна помош и одредени теми од наставните програми, минатата година беа опфатени 10 основни училишта.

0
199

Минатата година во неколку основни училишта започна проектот „Училишна градина – училница на иднината“. Во рамки на проектот се одржаа работилници во чии рамки учениците засејуваа семиња и им беше објаснувано на кој начин да ги чуваат и негуваат овие насади за да добијат расад.

Интересот, поставуваните прашања, радоста во очињата на децата ни даде поттик и не охрабри дека сме на прав пат, вели во интервјуто за „Арт кујна“, Василка Стефановска, претседател на организацијата Слоу фуд Водно и координатор на проектот.

Колку училишта беа опфатени со овој проект и какви активности имавте во рамките на истиот?

Благодарејќи на поддршката од Град Скопје, преку Буџетот наменет за НВО за 2018. година, го реализиравме проектот Училишна градина – училница на иднината. Беа опфатени десет основни училишта.

Всушност проектот беше Кампања за училишни градини и во рамките на истиот ние се потрудивме да побудиме интерес кај наставниците, учениците, родителите, локалното население, локалните институции. Беа реализирани повеќе презентации преку кои се објасни важноста и потребата од отворените училници.

Исто така, со учениците беа реализирани и работилници  „Заедно сееме за потоа да засадиме“. На овие работилници учениците засејуваа семиња и им беше објаснувано на кој начин да ги чуваат и негуваат овие насади за да добијат расад. Интересот, поставуваните прашања, радоста во очињата на децата ни даде поттик и не охрабри дека сме на прав пат.

Во сите десет училишта се формираа тимови кои ќе ги имплементираат активностите во нивната наставна програма.

Ние со тим од професори од Факултетот за земјоделски науки и храна изготвивме три водичи. Водичите преку своите содржини им даваат насоки на наставниците, се разбира, преку низа примери, како тие во својата училишна средина да го спроведуваат овој проект.

Беше воспоставена една пилот  училишна градина во ООУ „Аврам Писевски“ во с. Бардовци.

При изградбата на градината во сите фази учествуваа учениците. Учениците од различна возраст беа дел од активистите градители во согласност со нивната возраст и знаења. На големо задоволство свој придонес дадоа некои родители и дел од локалното население.

Оваа градина ја воспоставивме со голема поддршка на Проектната канцеларија  на ФАО во Македонија.

Дали децата се грижеа за она што го засадија, под чиј надзор и имате ли сознанија дали порасна и се изеде нешто од засаденото?

Градината во ООУ „Аврам Писевски“ опстојува и е пример за тоа како сите се грижат за неа. Наставниците заедно со своите ученици одредени теми од наставните програми ги реализираат преку градината. Тие имаат можност да истражуваат, да набљудуваат, да донесуваат заклучоци. Овие иновативни методи се неопходни во нашиот образовен систем.

Кои беа најчестите прашања на децата, сретнавте ли некое дете кое веќе имало вакво искуство, односно, веќе садело нешто со своите родители?

Да, сретнавме деца со вакви искуства во училиштата во с. Булачани и с. Бардовци. Децата од рурална средина имаат и видено и работено во градини. Но сепак, кога тоа ќе се подигне на научно ниво со педагошки методи ќе ја постигне целта во смисол на едукација, социјализација на децата, поттикнување на натпреварувачи дух и слично. Преку градините и програмата за работа која е понудена во нашите водичи тие учат и за тоа што треба да биде приоритет во нивната исхрана.

Некои дечиња на пример не сакаа да чепкаат во земјата, други тоа го правеа со задоволство. А, нашата Кате постојано им велеше дека треба да ја фаќаат земјата за да ја почувствуваат енергијата на почвата, а потоа ќе се погрижиме и за хигиената на рацете.

Имате ли сознанија дали инспириравте и други за оваа ваша идеја?

Секако, некои училишта кои не беа опфатени со нашиот проект преку донатори воспоставија свои градини. Некои училишта бараат да бидат вклучени во проектот. Многу е важна поддршката од менаџерскиот тим во училиштето, упорноста на наставниците и поддршката од институциите.

Но морам да нагласам дека градините треба да функционираат исклучиво со тимови кои ќе имаат годишни програми за работа. Ние во водичите понудивме таква програма. Затоа е важно Министерството за образование да ја препознае важноста на овие активности и да ги внесе во редовните наставни програми.

Големо е задоволството кога слушаме дека се зборува за училишните градини и дека веќе некаде и се воспоставуваат.

Дали мислите дека производството на храна треба да стане и дел од образовниот процес?

Не би го крстила како производство, сепак тоа се површини со мал капацитет. Но доволно големи да служат како нагледни училници. Но не се исклучува и можноста онаму кадешто условите дозволуваат да има и производство. Градините се различни и автентични за местото кадешто се воспоставуваат..

Ќе продолжи ли овој проект и годинава и од што зависи?

Сигурно дека посакуваме овој проект да продолжи. Во првата фаза ние направивме само еден чекор. На повикот од Град Скопје за доделување на средства за НВО од Буџетот за 2019.година конкуриравме и оваа година со проект Училишна градина – училница на иднината, втор чекор. Многу значи да добиеме средства за да ги продолжиме активностите и да воспоставиме нови училишни градини, да имаме нови работилници со наставниците и учениците и да реализираме нови прирачници.

Конкуриравме и во Министерството за животна средина и просторно планирање со цел нашата активност да се прошири во други градови во Македонија.

Институциите се на добар пат да бидат дел од промените во образовниот систем, а ние пак сме подготвени да им помогнеме на училиштата да ги применат овие промени.

Слоу Фуд Водно работи несебично и со големо залагање на овој проект. Морам да истакнам дека покрај мојата заложба како координатор, голем удел дадоа и даваат Катерина Јордановска и Мартин Шишкин кои максимално се вложија и ги вклучија сите свои знаења и сета љубов при реализацијата и планирањата на идните проекти од овој тип.

Фото: Фејсбук