Наполнете чинија со цреши и пробајте да им одолеете. Не грижете се, поткленувањето на искушението е добро за вас. Црешите се многу богати со витамин Ц, влакна и антиоксиданси. Побрзајте да ги најдете, зашто дури се свртите ќе ги снема од сцената.

А тоа е и причина повеќе да ги користите во летните оброци. Црешите се вистинска скапоценост на природата и вкусна летна посластица.

Сиромашни се со масти и не содржат натриум и холестерол. Одличен избор за сите кои внимаваат на телесната тежина. Богати се со калиум и затоа се поволни за одржување рамнотежа на течностите во организмот.

Црешата е блиска роднина со сливата, а подалечна со праската и кајсијата. Нејзиниот плод е округол, меснат, со црвена до темнолилава боја, зависно од сортата. Во црешите се уживало уште во каменото доба, а римските војници секогаш ги носеле на своите осовојувања.

Најпознат вид цреша е бинг. Плодот е голем, округол, особено благ, има лилаво-црвено месо и темно црвена кожа. Друг најпознат вид е ламберт, нешто помал од бингот и има повеќе срцевиден облик. Рајнер е цреша со жолта кожа.

Црешите изобилуваат со антиоксиданси кои штитат од слободни радикали и помагаат при превенција на карцином и болести на срцето и го забавуваат процесот на стареење. Својата темно црвена боја им ја должат на антоцијанините, тоа се антиоксиданси со силни антивоспалителни својства.

Истражувањата покажале дека црешите поволно влијаат при дијабетес така што го снижуваат нивото на шеќерот во крвта. Освен тоа, го снижуваат нивото на холестеролот ЛДЛ и можат да бидат од корист при превенција на рак на дебело црево. Во свежа состојба црешите се добри за отстранување на физичка и ментална исцрпеност.

Петелката на црешата изобилува со танин, органски киселини, флавониди, шеќери и минерали. Благодарејќи на тоа, петелките во народната медицина се користеле за чаеви, кои го поттикнуваат излачувањето на урината и исфрлувањето на каменчињата од бубрезите и од мочниот меур.

Кога купувате, избирајте цврсти и здрави цреши. Може да ги чувате во фрижидер до една недела. Повремено проверувајте дали некои плодови се расипани и отстранете ги. Може и да ги замрзнете, така што ќе ги измиете и добро ќе ги исушите. Чувајте ги во замрзнувач до една година.

Црешите се дел од овошните салати, сосови, бисквитни колачи, кростати и торти. Пире од цреши може да се употреби за правење сорбе или сладолед.