Снежана Манева: Не сум рибарка што лажно се фали!

Нашата соговорничка долго била единствена жена-рибар во Дојран, но сега, вели, има и други. Сепак, единствена е која заедно со уште еден колега, лови и на минус 10 и кога врне снег, и тоа со полно работно време

0
3554

Случајно наидов на информацијата дека Снежана Манева, вљубеник во Дојранското езеро, активист на Слоу Фуд и риболовец, заловила дојрански рак во „дојранскиот гољ“. Во информацијата пишуваше дека ова ракче е уште еден знак дека кревкиот еко-систем на езерото пополека закрепнува. Веста ме израдува, но уште повеќе ме развесели фактот дека е рибарот – жена.

Со неа ме поврза, се разбира, кој друг ако не, Николче Николовски, нашиот драг соработник, активист и претседател на националниот одбор на здружението Слоу фуд . (Ова е организација која постои веќе околу десет години во земјава и која се залага за добра, чиста и правична храна за секого, базирана на зачувувањето на биодиверзитетот и традицијата).

Вчера, кога ѝ се јавив на госпоѓа Снежана да ја прашам дали ги видела моите прашања за нашето интервју, таа ми рече: „Јас сум сега по риба, ќе ги видам кога ќе дојдам дома“. Бидејќи во Скопје цел ден беше студено и врнеше снег, претпоставив дека штом е по риба, тоа значи дека е таму потопло и не паѓа снег, па ја прашав за времето.

„Да, да, врне снег и тука и ладно е, а рибарскиот конец ни се лепи за стаповите“.

Денеска веќе добив и фотографија од вчерашниот ден на која госпоѓа Снежана е со колегата-рибар со кој, вели, се сликале за спомен, бидејќи се единствени кои на вакво време, веќе неколку зими по ред, упорно одат на рибилов. Дури, на кратко, им се придружил и внукот на госпоѓа Снежана, второодделенецот Теодориј.

Со колегата со кого ловат риби и кога врне, и кога вее снег

„Со син ми биле до продавница па го донесе да не види, а тој мераклија за риболов како баба му, ми рече дека ќе поседи додека не фати барем едно рипче. Среќа, фати риба за 15-20 минути, па си отидоа со татко му дома, зашто навистина беше ладно“, се смее Снежана. Инаку, таа, и покрај студот и снегот, вчера поминала на риболов полно работно време, од 8 до 15 часот. И задоволна е од уловот. Вели: задоволна сум, има за денес за фригована и за чорба од риба.

А што е фригована риба ѝ велам јас, а таа ми вели: „Е тоа треба да пробате. Тоа е стар специјалитет кој во Дојран го викаме дојранска риба од конзерва, иако рибата воопшто не е во конзерва. Така ја викаме затоа што е вкусот сличен на сардините од конзерва. А станува збор за црвеноперки или белвици кои се приготвуваат на тиво оган цели 10 часа, односно, се варат во маринада од оцет, вода и зејтин, сол, ловоров лист и црн пипер. Се јадат токму како и сардините, сосе коските“, објаснува Снежана.

Инаку, таа по професија e aрхитектонски техничар, но поради обврски со внукот, сега не е вработена никаде.

Порано работела по струка, како архитектонски техничар н бидејќи работата била теренска, а во Дојран немало градинка, по раѓањето на синот ја напуштила работата. Извесно време потоа се вработила во тогашниот хотел „Млаз“ (денешното Хит казино), потоа пак работела како техничар во општината, но по раѓањето на внукот пред седум години, повторно од истата причина, во Дојран до пред две години немало градинка, па таа, со 23 години работен стаж, останала да го чува за да може мајка му да оди на работа.

Снежана и Теодориј уживаат во летните убавини на езерото

Снежана е родена во Дорјан и тука го поминала целиот живот. Порасната покрај езеро таа е и извонредна пливачка, па на дојранскиот маратон во 1983.година, без никакви претходни припреми и тренинзи, го освоила третото место. Порано одела и на натпревари по риболов, но никогаш наградите и прзнанијата не ѝ биле важни, па така, главно, сѐ што прави, прави од ќеиф и за своја душа.

Лови риби од нејзини 7-8 години и првата риба што ја фатила била црвеноперка. Ракот кој неодамна го уловила, случајно го закачила со јадицата и тој, вели, е знак дека дојранскиот еко-систем се опоравува и дека водата не е загадена како што се зборува пред секоја летна сезона. Таа, како вљубеник во езерото покрај кое пораснала, е многу среќна поради тоа.

Освен синот, има и ќерка, но ниту еден од нив не е по рибиловот.

Внукот Теодориј, на вчерашниот риболов со баба му

„Ќерката нема никаков мерак за овој спорт, синот го учев да лови, ама не стана страсен рибар. Внукот сега учи, има мерак и се надевам дека ќе стане добар рибар. Тој е сега второ одделение и штом нема училишни обврски, доаѓа да лови со мене. Сопругот никогаш не ми прави проблеми, кога е во прашање риболовот, но иако се трудев од него да направам рибар, не успеав. Рибар се раѓа, не се станува. Сепак, никогаш не ми откажува за чистење и пржење риба. А дома често јадеме риба и ни се допаѓа секоја дојранска риба. Пржена, риба во тава, фригована риба и чорба од риба, јадеме сѐ“, раскажува нашата соговорничка.

Пред 47 години во Дојран таа била единствена жена-рибар, но со текот на годините, вели, ги има сѐ повеќ и повеќе.

„Имам една другарка и две сосетки, не има сега повеќе. Требаше да формираме и екипа за натпревари, но јас сѐ уште имам обврски со внукот, треба да го пречекам од училиште, да му помогнам, да бидам со него, па засега немам време за тоа. Уште додека бев вработена во општината имав иницијатива да се врати денот на рибарите кој во Дојран се одбележувал на Петровден, но во општината немаа слух за ова. Но, се надевам дека тоа сепак ќе се случи некогаш во иднина, затоа што е дел од традицијата и може да биде убава туристичка атракција“, вели Снежана.

На крајот, ја прашав за „рибарските приказни“. Вели дека таа не е од оние рибари кои лажно се фалат и дека најголемата риба која ја има фатено досега е крап од 8 килограми.

За Слоу фиш (Slow fish) дознала од Слоу фуд, кадешто е член на президиумот на слаткото од диви смокви и сега, заедно со останатите се бори за зачувување на биодиверзитетот во Дојран, во дојранското езеро и воопшто, во нашата земја.

Рецепт за дојранска тава со риба

Рибите се пржат на масло заедно со сечкан кромид и морков. Се мешаат ситно сечкан магдонос, мелен црн пипер, сол и по желба други зачини за риба и на ова се реди пржената риба, се поросува со малку брашно измешано со црвен пипер, се додава малку вода и се пече на 200 степени околу еден час.