Скопјани се гоштеваа со џиновска торта

Во саботата се одржа десетиот Интеркопкејкс  во организација на Град Скопје и хуманитарната организација Ангелчиња – ХОА. Девет земји учеснички и 66 креации во категорија професионалци и аматери.

0
218

Во саботата (10.ноември) во Веро центар, Град Скопје заедно со Хуманитарната Организација Ангелчиња – ХОА го организираа 10. тиот традиционален хепенинг ИНТЕРСКОПКЕЈКС 2018.

Учество зедоа девет земји, а можевме да видиме 66 креации во категориите професионалци и аматери.

Беше соборен рекордот за подготовка на голема торта (2,40м x 1,20м), направена од шефовите на Гастромак по повод роденденот на Град Скопје-13 ноември и 10. роденденот на ИНТЕРСКОПКЕЈКС која точно напладне им беше поделена на присутните посетители.

На натпреварот во Блекбокс кадешто за 7 минути требаше да се направи торта на тема Божиќ, прво место зеде Татјана Виденовиќ од Србија, второ – Даниел Станишиќ од Црна Гора, а трето – Игор Атанасов од Македонија.

Беше одржан и натпревар под притисок, кадешто за 2,40 минути беше изеден подготвен десерт од 450 грама, а победата ја однесе Страхиња Петровиќ од Црна Гора.

Дипломи зедоа и карвинг мајсторите од сите држави под координаторската палка на Влатко Алексоски од Македонија.

На саемскиот дел за најиновативен штанд, наградата ја зеде Актиф.ДООО Македонија, а за најдобро поставен традиционален штанд наградата отиде во рацете на УКА Комерц Македонија.

Жири-комисијата имаше многу тешка задача да ги одбере шестте првопласирани торти од двете категории и после неколкучасовно консултирање беа прогласени победниците во двете категории.

Во категоријата аматери првото место ѝ припадна на Катерина Блажевиќ од Македонија, второто на Нина Анчева од угостителското училиште „Лазар Танев“ и третото на Драгана Михајловиќ од Србија

Во категоријата професионалци, првото место го освои Угостителско-туристичкото училиште од Србија, второто место го освои Даниел Станишиќ од Црна Гора, а третото место основното училиште „Гоце Делчев“ од Македонија.

Дел од тортите беа донирани во СОС Детското село и во народните кујни во Кисела Вода и Ѓорче Петров, а дел беа подарени на неколку здруженија за заштита на деца со посебни потреби.