Иако сите некаде брзаме па обично гледаме да направиме сѐ по скратена постапка, едноставно и брзо, понекогаш сепак знае да се случи нешто што ќе не натера да застанеме и да се запрашаме…на пример, зошто нашите баби секогаш го сееја брашното пред да почнат да прават нешто со него?
Прво, ако ги запрашате и оние кои се најстручни, познатите шефови, ќе ви кажат дека сите состојки во прав, значи, не само брашното, туку и гризот, и какаото во прав, шеќерот во прав,…прво треба да се просеат затоа што не е воопшто добро кога во вашите колачи, мафини, палачинки и слично, ќе најдете грутчиња од истите состојки.
Но, освен ова, може да се случи во нив да најдете и некое црвче. Сетете се тогаш зошто вашата баба секогаш пред да почне да прави нешто го сеела брашното.
И иако вашето пакување брашно има рок на траење, а воопшто не е отворено, сепак најдете малку време и пред да го употребите, просејте го. Дури и ако најдете некое црвче, не мора да го фрлите брашното.
Фрлете го само црвчето, а брашното слободно употребете го.
Па на крајот на краиштата, сигурно некогаш сте јаделе цреши со црвчиња, или сте застанале токму кај тезгата на онаа бабичка која наместо совршени големи јаболка, продава црвливи и малечки јаболчиња за кои знаете дека се непрскани и природни.
Зошто тогаш не би си го употребиле брашното откако ќе го просеете?