Сеќавање: Нашиот ботлмен беше виртуоз и во кујна

Воочи годишнината од сообраќајната незгода која беше причина за седуммесечната кома, а потоа и за смртта на Зоран Маџиров, нашиот голем музичар и виртуоз на шишиња, го пренесуваме кулинарското интервју со него направено во 2011.година во кое зборуваше за своите гастрономски импровизации, за љубовта кон готвењето и храната, за своите настапи на најразлични ексклузивни кулинарски шоуа на многу светски познати готвачи. Меѓудругото, и шоуто на Џејми Оливер, во далечната 2008 (или 2009 година) во Франкфурт на Мајна.

0
491

Пред речиси една година (7.октомври 2016.) музичарот Зоран Маџиров настрада во страотна сообраќајна несреќа, на патот меѓу Струмица и Радовиш. По несреќата се наоѓаше во коматозна состојба цели седум месеци. Почина во мај оваа година.

Сосема случајно токму деновиве, воочи денот кога се случи сообраќајната несреќа на Маџиров, разгледувајќи ги моите стари текстови и интервјуа, го најдов и она што го правевме со Зоки во мај 2011.година за тогашниот „1Е“ магазин.

Се потсетив на нашата средба за интервјуто во ресторанот „Скала“, во близина на градскиот парк во Скопје, која прерасна во целовечерна дружба па откако завршивме со храната и со интервјуто, продолживме заедно на следниот настан на кој требаше да присуствувам – дегустација на вината на „Стоби“ и на италијанска храна во „Тоскана“, тогашниот ресторан на нашиот мастер шеф Влатко Огненовски.

По пат дотаму во неговиот автомобил слушавме ЦД, се разбира, неговото – „Roots On A Roof (Balkano Nuevo) кое на крајот го добив и како подарок. Правевме еднаш и семејно интервју за истиот магазин, во нивниот дом во Струмица, но за жал, тоа не успеав да го најдам.
Во знак на сеќавање на добриот човек и голем виртуоз кој со својот огромен талент и вештина правеше музика на шишиња, го споделувам со вас текстот насловен како „Пасиониран готвач и импровизатор“ во кој, меѓудругото, вели дека единствената стандардна состојка која ја употребува во сите рецепти што ги готви за семејството и бројните пријатели, е големата доза на љубов.

Еве го и текстот во интегрална форма:

Виртуоз на шишиња и импровизатор во кујната, Зоки Маџиров смета дека готвењето е како музиката и тој подеднакво ужива и во двете. Како што го радува кога неговата музика ќе ги направи среќни луѓето околу него, така го радува и кога истото ќе го постигне со своите кулинарски вештини. Во кујната е голем импровизатор и вели дека никогаш не може да повтори едно исто јадење со оглед на тоа што се што прави го прави онака како што му наложува моменталната инспирација и мастрафот што го има на располагање.

– Кај мене е тешко да се одреди што ми е омилено јадење, бидејќи има многу кои ми се омилени, а се зависи од географијата, односно од тоа каде сум лоциран во моментот. Не можам да ја гледам храната од перцепција на една кујна или локација, па секогаш јадам она што е и специфично за земјата во која се наоѓам. На пример, глупаво е во Италија да бараш кебапчиња или пак во Македонија макарони – се смее Маџиров.

Со оглед на тоа што многу патува, а сменил и повеќе дестинации за живеење, впечаток му оставила бразилската храна, ја преферира медитеранската и е пасиониран љубител на кинеската храна, но во нејзината оригинална верзија, а не во онаа која се јаде по кинеските ресторани во западните земји кадешто е адаптирана на вкусот на локалните жители.

– Во Берлин нон-стоп јадев во еден кинески ресторан и по 50 пат во ресторанот се спријателив со газдата кој еден ден ме однесе на ручек на едно друго место кадешто јадат Кинезите. Таа храна која ја пробав таму немаше врска со онаа во кинескиот ресторан, вклучувајќи го и начинот на сервирање – објаснува тој.

Инаку, неговиот дедо бил готвач и Зоки се сеќава како тој ги подготвувал оригиналните верзии од многу традиционални јадења, од типот на елбасан тава и слични. Неговите афинитети кон готвењето можеби се должат токму на гените кои ги наследил од него, па така, освен што е пасиониран готвач, Маџиров вистински ужива во готвењето и тоа го прави барем два пати неделно.

– Кај мене е интересно што инспириран од сите кујни што сум ги пробал досега, правам нешто по свое, импривизирам и дури и од ништо знам да направам нешто. На моите дома им се допаѓа се што ќе направам, иако кога ми кажуваат што би сакале да им спремам се свесни дека тоа нема никогаш да биде исто како претходниот пат – вели Маџиров.

Најчесто подготвува пасти со најразлични сосови, а во една пригода со еден пријател од Истра самите направиле и тесто за тортелини кои потоа ги наполниле со суви сливи и сос со мисиркино месо.

– Јадење може да се направи од се, на пример, можам да направам супа или сос од коприва за 15 минути или пак нешто слично. Кога треба да се спрема храна за повеќе луѓе, најчесто правам кус кус на француски начин, односно, месото го печам посебно, со кари, со се што треба, посебно правам сос со многу зеленчук, па секој самиот си дозира колку од што ќе стави. Во секој случај, правам огромна количина, а за моите лазањи, е општа тепачка – се пофали тој.

Јаде и благо, особено слатки со шербет, како тулумби, кадаиф и баклава, а самиот знае да направи оригинал тирамису. Маџиров раскажува дека оригиналната верзија на овој десерт ја измислил готвачот на Ал Капоне кој го посипувал колачот со кокаин.

– Не пропагирајќи дрогерашки приказни со оглед на тоа што сум голем противник на сите опојни средства, ќе ви кажам дека името на овој десерт во превод од италијански значИ буквално: “крени ме горе” и е специјалитет кој му го подготвувале на Ал Капоне. Се разбира, кога јас го правам колачот го посипувам со кафе и какао – се смее тој.

За него, иако е гурман и ужива во храната, сепак таа не е приоритет, односно, јаде за да живее, а не живее за да јаде.

– Мене ми е се убаво и вкусно, но не сум опседнат со храната. Признавам дека имам и лош ред на исхрана, па наутро пијам кафе или чај И не јадам до доцна, за потоа, накај 16-17 часот да се најадам како рис. За мене постојат два вида на јадење, јадење подготвено со љубов и онаа, таканаречена, “висока кујна” од типот на парче гауда на крекер или урма завиткана во сланина. Јас го преферирам првиот вид И кога станува збор за храната, најважни ми се социјалниот момент, дружбата И насмевките на луѓето – вели тој.

Во периодот додека живееле во Њујорк, Загреб и на многу други места низ светот често се случувало тој или неговата сопруга да зготват нешто од македонското мени и да ги поканат своите пријатели на македонска трпеза.

– Најчесто во Њујорк, од носталгија кон Балканот готвев некои наши поспецифични јадења, а често правев и одлична смеса за кебапи, но сепак, морам да признаам, никогаш ништо од тоа што сум им го подготвил на пријателите не било во оригиналната верзија, туку секогаш некоја моја импровизација – признава Маџиров.

Честопати, токму заради специфичноста на неговиот инструмент, отварал најразлични ексклузивни кулинарски шоуа на многу светски познати готвачи. Меѓудругото, токму тој го отворил И шоуто на Џејми Оливер, во 2008 или 2009 година во Франкфурт на Мајна.

– Мојата музика одговара и на таков вид на забави, па откако гастрономијата се помеша со шоу бизнисот, оваа комбинација се покажа како многу успешна – вели тој.

Драгица Христова