Како што би рекле веганите, човекот е единствениот цицач кој пие млеко и како возрасен, и тоа од други животински видови. Имено, секој цицач со растењето ја губи можноста за варење на млечниот шеќер, па така и човекот. Ниту еден цицач не пие млеко кога ќе порасне. Според некои информации, една шолја кравјо млеко содржи во просек и до 7 капки гној, односно, 500 милиони соматски клетки, околу 4.700.000 бактерии, 24 мг холестерол, 6 г казеин, а често и крв и фекалии. Млечната индустрија е голем потрошувач на антибиотици, а неретко и на хормони.
Но ако сте баш навлечени на млеко, а сакате да се преориентирате на вегетаријанска исхрана, се уште можете да уживате во здраво растително млеко од бадеми, ореви, сусам, ориз, кокос, пченица, соја, банана, индиски оревчиња, рогач,…
Сите растителни млека се далеку поздрави, похранливи и повкусни од било кое млеко од животинско потекло, освен, секако, мајчиното млеко кое е број 1 за исхрана на доенчињата на сите видови цицачи. За разлика од животинските млека, чии хранливи состојки нашиот организам може да ги свари само до 25 отсто, хранливите состојки од растителните млека може да се сварат речиси во целост. Еве како да си направите неколку видови на растителни млека.
Млеко од сусам
Состојки:
1 шолја сусам
4 шолји вода
Се заблажува по желба
Приготвување:
Сусамот со малку вода се меле во блендер, а потоа постепено се додава преостанатата вода. По вкус и по желба додадете малку ванила, агава сируп, суво овошје или банана.
Млеко од бадеми
Состојки:
1 шолја бадеми
4 шолји ладна вода
1 лажица маслиново масло
Се заблажува по желба
Приготвување:
Во малку врела вода ставете ги бадемите да отстојат само 10 секунди. Извадете ги и оставете ги да стојат 2-3 минути. Излупете им ја лушпата. Помешајте ги бадемите со преостанатите состојки и смелете ги (1 – 2 минути). На млекото може да му се додаде малку цимет или ванила по желба.
Млеко од ориз
Состојки:
1 шолја ориз
10 шолји вода
Се заблажува по желба
Приготвување:
Ставете ги сите состојки во лонец, поклопете и кога ќе проврие, намалете ја температурата на 45 степени и варете уште половина час. По варењето оладете ја смесата и исцедете ја низ газа. Млекото може да се заблажи со малтекс.
Млеко од кокос
Состојки:
200 г кокос или кокосово брашно
½ л вода
1 лажичка сируп од агава
Приготвување:
Ставете во вода кокосово брашно и оставете го да отстои барем еден час. Ставете ја смесата во блендер и измешајте. Исцедете низ газа и заблажете со сируп од агава.
Млеко од ореви
Состојки:
4 шолји вода
1 шолја ореви
Приготвување:
Оревите ставете ги во блендер и прво смелете ги со малку вода, а потоа додадете ја преостанатата течност и обработете ја содржината во блендерот уште две минути. Заблажете по желба.
Пченично млеко
Состојки:
1 шолја пченични никулци
4 шолји вода
½ шолја суво грозје отстоено во вода
Приготвување:
Смелете ги пченичните никулци со водата околу 2 минути па прецедете ги низ густа цедилка. Вратете ја мешавината во блендер, додадете го сувото грозје, смелете и заблажете по вкус.
Млеко од соја
Состојки:
1 шолја соја
4 урми
2 лажици сируп од агава
2 стапчиња ванила
400 мл вода
Приготвување:
Сојата се мие во тѕри води и се потопува во вода на 12 часа. Потоа сите состојки се ставаат во блендер и се мелат, а потоа се процедуваат низ газа. Се што ќе остане на газата може да се користи за разни други шејкови. Млекото може да стои во фрижидер до три дена.
Млеко од индиски ореви
Состојки:
1 шолја индиски ореви
Малку цимет по желба
Заблажувачи по желба (урми, сируп од агава)
400 мл вода
Приготвување:
Измијте ги индиските ореви во три води и оставете ги да стојат во вода 2 часа. Потоа смелете ги сите состојки и исцедете преку газа. Се што ќе остане на газата можете да користите за други шејкови. Млекото може да стои во фрижидер до три дена.
„Чоколадно“ млеко
Состојки:
1 шолја ореви или бадеми
2 лажици сируп од агава
4 урми
3 лажици мелен рогач
1 стапче ванила
250 мл вода
Приготвување:
Оревите измијте ги во три води и потопете ги на 2 часа во вода. Потоа смелете ги сите состојки и исцедете преку газа. Се што ќе остане на газата може да се користи за разни други шејкови. Млекото може да стои во фрижидер до 3 дена.
Млеко од банани
Состојки:
2 замрзнати банани
1 шолја вода
5 урми
½ лажица цимет
Приготвување:
Мелете ги сите состојки 1 минута.