Различни видови мед за различни проблеми

Не е спорно колку е важен медот и неговата примена во народната медицина, но полесно е доколку знаеме и кој мед за што се употребува.

0
795

Според изворот на нектарот, медот може да биде монофлорен – од еден вид на нектар, како што се багрем, липа, костен, жалфијаи полифлорен – од повеќе видови нектари, како што се ливадскиот и цветниот мед.

Полифлорниот мед е добар избор ако сакате нематлив вкус на мед во храната или напитоците, додека медот од еден вид на цветови има поизразени својства и арома. Ова особено важи за медови добиени од зачински билки како рузмаринот, лавандата и нане.

По бојата може да ја одредиме аромата на медот, па така оние со потемна боја имаат и посилни ароми.

Во специјализираните продавници може да се најде и мед со додаток од јаткасти плодови, како бадмеи, ореви и лешници.

Според начинот на производство пак, медот може да биде центрифугиран, топен (добиен со загревање на здробеното саќе), мед во саќе и мед со парчиња саќе.

Багремов мед

Еден од најценетите видови мед е багремовиот, со исклучително светла боја, пријатен мирис и благ вкус. Помага при несоница, го смирува нервниот систем и ги отстранува последиците од стресот. Се препорачува да се зема навечер пред спиење.

Мед од костени

Овој мед е темен, со препознатлив мирис и со карактеристичен горчлив вкус. Добар е за болести на органите за варење зашто ја поттикнува работата на цревата, ја олеснува работата на преоптоварениот црн дроб и жолчката, ги штити желудочната и цревната слузница. Се препорачува да се консумира со чај од камилица, шипка и мајчина душица.

Липов мед

Овој мед е бистар, речиси проѕирен, со пријатен мирис и многу благ вкус. Консумирањето на овој мед ги олеснува настинките, воспалението на дишните и на органите за варење, а добар е и за некои бубрежни заболувања.

Мед од жалфија

Овој мед исто како и липовиот се користи за настинки зашто овозможува полесно исфрлање на слуз од душникот и бронхиите.

Шумски мед

Овој мед е со многу темна боја, карактеристичен мирис и вкус. Нагласеното богатство на минерални материи (железо) го крева нивото на хемоглобин во крвта, ја зголемува силата на срцето и издржливоста на крвните жили како и отпорноста на имунолошкиот систем.

Сончогледов мед

Овој мед е жолт како килибар, со препознатлив мирис и вкус. Благотворно делува на дишниот систем, а заради своите единствени состојки поволно влијае на регулација на масните киселини во организмот.

Мед од лаванда

Медот од лаванда во чај од камилица, нане или пелин, го смирува организмот, се користи против надуеност и го поттикнува мокрењето. Добро делува против мигрена и вртоглавица и им се препорачува на оние кои боледуваат од болести на срцето и крвните жили.