Повелете на часови за готвење кај најголемите шефови на македонската гастро сцена

Во периодот од декември до март во просториите на средното угостителско училиште „Лазар Танев“ ќе се одржат 5 часови за готвење со различна тематика. Цената за секој час е 1200 денари, а средствата се наменети за натамошна обука и мотивирање на учениците-готвачи

0
648

Денеска, во кујната на средното угостителско училиште „Лазар Танев“ беше промовирана иницијативата „Часови за готвење слоу фуд“.

Станува збор за соработка помеѓу Здружението за социјални иновации АРНО, Слоу Фуд Водно и училиштето СУГС „Лазар Танев“ во чии рамки ќе бидат организирани 5 часови за готвење, секој со различна тематика.

Иницијативата стартува на 8.декември со шеф Маре Јаневска со часови за готвење на тема: Сирење на трпезата.

Потоа, во периодот до март, следуваат уште четири часови и тоа, со шеф Бобан Симоновски на тема: Тркалото на сезоните, потоа, повторно со шеф Маре на тема: Месеници од тефтерот на баба; па со шеф Зоран Мајновски на тема: Протеински растенија и на крај, со шеф Дејан Карапеев на тема: Риби од нашите води.

Продажната цена на секој час е 1200 денари, а сите средства ќе бидат ренвестирани во учениците-готвачи, за нивни натамошни обуки за подобрување на нивните вештини и мотивацијата.

Инаку, часовите ќе се одржуваат во кујната на училиштето, кадешто секој учесник кој набавил ваучер ќе има можност самостојно, со директни инструкции од страна на главниот шеф на часот, да приготву нови рецепти со традиционални состојки, според концептот на слоу фуд.

Со купениот ваучер, учесниците, кои не може да бидат повеќе од десет за час, ги добиваат потребните намирници и инструкции од искусните гастро шефови, помош од учениците-готвачи, 90 минути исполнети со дружење и забава и можност да го споделат или пак да го понесат со себе јадењето кое сами го приготвиле на часот.

Првиот час е во сабота, па доколку сте заинтересирани да учите од најдобрите македонски шефови, побрзајте и резервирајте си ваучер за 8.декември или за некој од следните часови.