Сите нас, барем еднаш кога почнало да зазорува не разбудило кукурикање на петел. Се разбира, ако сме имале среќа да се најдеме во некое село или во близина на село.
Јас првата блиска средба со петел ја имав многу одамна, како дете, кога бев на гости кај тетка ми во село Црешово. Ме пратија да наполнам вода од пумпата во дворот и таман кога се враќав, ми се стрча еден петел, ме извади од памет и толку силно почнав да врескам што се собраа сите соседи, а стомната – се скрши.
Подоцна во животот среќавав уште неколку пати вакви пердувести животни ама не им обрнував повеќе внимание. Така веројатно и ми се случи кога го здогледав ова пердувесто животинче како гордо шета низ моето маало, да не сфатам дека е петел и да го наречам кокошка.
Од оваа прва средба и текстот посветен на „кокошката“ од Тафталиџе 1, почнав редовно да ја (го) слушам и да ја (го) гледам.
Слушајќи го, сфатив дека е петел. Браво за мене!
Кукурикаше, наместо да кокодака?!
На почеток тоа звучеше прилично романтично. Особено за вакви како мене кои сѐ почесто сонуваат за живот на село. Ех, живееш во град, а те буди петел!
Иако сѐ повеќе овој град почна да личи на еден голем кокошарник, досега, односно, од таму некаде во 80-тите, кога чуваше кокошки сосетката Цвета зад нашата барака (чичко Боне од слепата уличка чуваше гулаби), во истово ова Тафталиџе 1, не сум видела ниту чула ни кокошка ни петел. Секако, не ни очекував да видам, особено не вака расшетан по улиците, а уште помалку очекував да го видам петелов како скока по гранките на дрвото во дворот на нашите стари соседи отспротива.
Неколку пати когаќе го видев на дрвото излегував да го сликам, ама немаше шанси да го уловам во кадар. Ги прашав соседите …чиј е, од каде е, знае ли некој зошто е тој тука и особено, знае ли некој дали е нормално петел да скока по гранки и да кукурика во ниедно време, од полноќ па натаму, докај сабајле. И знаете што?
Никој не знае чиј е, а ние веќе се изморивме од неговото кукурикање на секој половина час.
Ама нашиов градски шизик е сосема сам кутриот па кукурика кога ќе стигне. И што ни преостанува освен да бидеме трпеливи, со широко отворени очи, од ноќ во ноќ.
Впрочем, толку многу кучиња лаат по дворовите, па никој од нив досега не направил чорба! (Да не ме сфатите погрешно, не сум некој голем љубител на месо, а кучешко пак не ми паѓа на ум. Имаме и ние дури две кучиња, умни се и речиси никогаш не лаат, за разлика од неколку мали џангризави, разгалени кученца наоколу). Но зошто тогаш кога ќе го слушнам петелот кој почнува да се огласува токму кога јас ќе си легнам, обично некаде околу полноќ или малку подоцна, на ум ми паѓа една грешна мисла – Coq au vin! Да, да, мислам токму на овој француски специјалитет – Coq au vin, што во слободен превод значи петел во вино или „пијан петел“.
Оти овој нашиов тафталиџански петел, баш на пијан ми личи.
Додека селските петли си го знаат редот, па се курдисани да го одредуваат точното време, овој кутриов нема поим кога ден се бели, а ноќта се црни. И ако порано луѓето си ги местеле часовниците по кукурикањето на петлите, по овој тоа нема шанси да го правите!
Епа еве го за секој случај и рецептот за Coq au vin:
Состојки:
1 петел (околу 1,5 кг)
Пола шише црвено вино, на пример Pinot Noir.
150 грама сланина исечкана на ситни коцки
250 грама шампињони
12 чешниња лук
2-3 главици кромид (згмечени)
2 моркови, излупени и исечкани на четвринки
Приготвување:
Еден ден однапред исчистете го и исечете го петелот на 8 или повеќе парчиња. Залијте го со вино. Додадете ги лукот, морковите и свежи зачини по ваша желба, покријте го и ставете го во фрижидер.
Следниот ден, извадете ги месото и зеленчукот од маринираната смеса, а маринадата сочувајте ја за подоцна. Во тава пропржете го месото во масло додека добие светло кафена боја од сите страни. Извадете го месото во чинија, а во истата тава пропржете ги кромидот и зеленчукот неколку минути.
Месото и зеленчукот префрлете ги во поголема тава. Прелијте ги со маринадата, наросете сол и црн пипер. Потоа, оставете ги да се варат (со капак) на умерен оган 1 до 2 часа.
Во посебна тава испржете ја сланината и печурките (10-на минути). Кога месото е готово, додадете ги сланината и печурките и гответе со постојано мешање уште 2-3 минути. Зачинете ако е потребно.
Најпосле, додадете на готовото јадење сечкан свеж магдонос и сервирајте со печен компир.