Нов жител на Тафталиџе 1: Дали сте желни за домашни јајца и вистинско пилешко?

Тафталиџе I некогаш било село. Потоа пак, важеше за елитна населба, една од најубавите во Скопје. Денеска е вистински кокошарник. А деновиве се вратија и кокошките

0
896

Скопската населба Тафталиџе I некогаш била село.

Потоа пак, важеше за елитна населба, една од најубавите во Скопје. Денеска е вистински кокошарник. Изгледа како цела Македонија (оние кои не се населија во Ново Лисиче или во Аеродром), да се досели во Тафталиџе.

А и допрва ќе се доселуваат, со оглед на огромните зданија, урбанистички и еколошки монструми, кои се издигаат над оваа населба во која порано имаше главно индивидуални куќи.

Но, нам, во Арт кујна, повеќе не интересираат некои други теми. На пример, домашните јајца и кокошките што шетаат. Нели, јајцата од овие кокошки биле највкусни, а велат и месото.

Ех, кој уште се сеќава на тој вкус?!

Но, ете, сѐ поголем број луѓе сакаат повторно да јадат свежи јајца од хумано одгледани кокошки.

Епа токму вчера, јас се сретнав со една таква. На улица „Виенска“ во нашето Тафталиџе. И да ви кажам право, баш ѝ се израдував. Па што ако не сме село. Ех, камо да бевме. Сега, наместо толку многу „кокошарници“ за луѓе и толку многу коли испаркирани по улиците на кои некогаш  си игравме „народна“, сервис и жмурки, ќе си имавме барем вистински кокошки.

Постои мислење дека во град не можеме да чуваме кокошки затоа што биле валкани, смрделе и правеле неред.

Сигурни сте дека тие би правеле вакви проблеми?

Во САД, кадешто луѓето исто така сакаат да јадат домашни јајца, но без одговорноста која ја бара одгледувањето на кокошки, пред неколку години никнал и нов бизнис – изнајмување на кокошки.

Џен Томпкинс во Пенсилванија ја основала компанијата „Изнајмете кокошка“, а потоа го проширила работењето во уште три американски држави, и во Торонто, во Канада.

Изнајмувањето на кокошарници станува сѐ попопуларно ширум САД откако сѐ повеќе жители во градовите, предградијата и селата се придружуваат на антифабричкото движење. Некои семејства пак изнајмуваат кокошки поради едукативното искуство на своите деца.

Кокошките можат да живеат седум или 10 години и луѓето по малку се плашат да ја преземат одговорноста што ја носи со себе нивното чување. Изнајмувањето на кокошките ги ослободува од таа одговорност. Најосновниот пакет содржи две кокошки, кокошарник и храна, а новиот сопственик може да добие одговори на сите свои прашања поврзани со нивното чување, преку телефон. Ако не се задоволни муштериите можат да ги вратат кокошките порано, а може и да ги посвојат доколку сѐ оди како што треба.

Со оглед на тоа што е пилешкото месо и домашните јајца се одличен извор на хранливи состојки, ова баш и не е лоша идеја.

Особено затоа што месото кое секојдневно го јадеме, а особено бледото пилешко месо кое го купуваме во маркетите, е полно со хормони кои сѐ посериозно го нарушуваат здравјето, пред сѐ, на нашите деца.

Стручњаците предупредуваат дека оваа храна предизвикува хормонски пореметувања поради што децата сѐ порано влегуваат во пубертет, а не само што на девојчињата им растат влакна, туку на момчињата им растат гради, а сѐ заедно го зголемува ризикот од развој на различни, па и малигни заболувања.

Всушност, она што сакав да го кажам е – едно големо добредојде за новиот жител на Тафталиџе 1.

П.С. Едно техничко прашање: Ова е кокошка, така?!