Петиција против банкнотата од 5 фунти што содржи лој

Новите банкноти од 5 фунти во оптек се од септември годинава и се поцврсти од хартиените пари – можат да преживеат центрифуга и да бидат потопени во црвено вино.

0
444

Повеќе од 70.000 луѓе во Велика Британија ја потпишаа петицијата да се направи веган банкнота од 5 фунти, наместо досегашната во која се користат животински масти.

Со петицијата се бара да се сопре употребата на лој во банкнотите. Петицијата ќе биде испратена во Банката на Англија.

„Новата банкнота од 5 фунти содржи животински масти во форма на лој. Ова е неприфатливо за милиони вегани и вегетаријанци во Британија. Бараме да запрете со користење животински продукти во производството на банкнотите што мораме да ги користиме“, се наведува во петицијата.

Банката на Англија одби да ја коментира петицијата. Портпаролот објасни дека проблемот е во полимерот врз кој се печати новата банкнота од 5 фунти, кој содржи лој. Банката ги купува овие полимери од надворешна компанија која снабдува субстрати за банкноти за 80 апоени во 24 земји.

Новите банкноти од 5 фунти во оптек се од септември годинава и се поцврсти од хартиените пари – можат да преживеат центрифуга и да бидат потопени во црвено вино. Се собираат и се топат на температура од 120 степени Целзиусови и може да бидат оштетени од пегла.

Пластичните пари се користат во повеќе земји, од кои некои веќе целосно преминале на полимерни банкноти, како што се Австралија, Канада, Романија и Виетнам.