Не беше денот за њоки…

0
132

Дефинитивно, човек не треба да прави њоки ако е нервозен и ако има уште куп други обврски и барања од луѓето наоколу…Иако…па и не излегоа толку лоши.

И наместо да ви кажеме рецепт за нашите „совршени“ домашни њоки, ќе ви кажеме што не треба да правите за да бидат навистина совршени.

Значи, прво и основно, не ги правете ако немате многу искуство, а имате и други обврски поради кои постојано мора да прекинувате. Второ, ако веќе се фатите да ги правите, не брзајте: компирите треба убаво, ама навистина убаво да се изгмечат за да не остане ниедно грутче. И конечно, измерете ги состојките наместо да ставате сѐ отприлика па да ви излезе толку голема количина што цел ден нема да можете да излезете од кујна.

И ако баш и не се многу лични по изглед, не се разочарувајте – најважно е да се вкусни…ако не тие, тогаш барем сосот.

Состојки:

1 кг компири

2 јајца

300г брашно

мускатно оревче

сол

Приготвување:

Сварете ги компирите, излупете ги и добро испасирајте ги.

Истурете ги на работната површина, направете вдлабнатина во средината и скршете ги внатре јајцата, додадете сол и мускатно оревче и потоа почнете да додавате брашно. Можно е да ви треба повеќе, но ставајте малку по малку сѐ додека не престане да се лепи.

Замесете го тестото, земете дел од него и обработете го такашто ќе го развлечете во должина, а потоа ќе сечете подеднакви парчиња, ќе ги стиснете малку со две вилушки за да го добијат препознатливиот изглед и ќе ги ставате во зовриена вода.

Постојано, при секое развлекување на нова лента од тестото, истурајте брашно врз работната маса за да не ви се лепи.

Њоките се готови кога ќе испливаат на површината.

Ако дома имате месојадци и вегетаријанци, тогаш ви препорачуваме да направите два соса. За месојадците, класичен болоњезе, а за веге варијантата, ставете ги сварените њоки веднаш во тавче со растопен путер, пропржете ги, и додадете им смеса од истолчен лук, магдонос, босилек, сол, маслиново масло и пармезан.

Не претерувајте со лукот. Не го сакаат баш сите толку многу.

Со болоњезе сос
Веге варијанта, со магдонос, босилек и лук

Фото: Стефани Павловска