Музеј на куглоф

Во минатото, овој колач важел за аристократски и ги красел само трпезите на привилегираните и кралските трпези ширум Европа, а модлата за куглоф претставувала луксуз и била работа на престиж.

0
503

Ако некогаш патот ве однесе во Сремски Карловци, покрај Соборната црква, величенствениот православен храм, стариот патријаршиски двор, стариот и величенствен платан, споменикот на Бранко Радичевиќ и неговиот гроб на Стражилово, познатата Карловачка гимназија, и многу други културно-историски споменици, не пропуштајте да го посетите и Музејот и работилницата за изработка на куглоф „Геа“.

Да, во овој град постои музеј на традиционалниот војводински колач со потекло од германската кујна и Сремски Карловци станува се попрепознатлив и по него, па бројните туристи кои доаѓаат тука задолжително купуваат и пробуваат некој вид од големиот број рецепти за овој колач.

Првите податоци за куглофот датираат од втората половина на 17 век.

Во минатото, овој колач важел за аристократски и ги красел само трпезите на привилегираните и кралските трпези ширум Европа.

kuglof

Модлата за куглоф претставувала луксуз и била работа на престиж.

Германците пред неколку векови се населиле во Сремски Карловци, а по формирањето, германското здружение „Карловиц“ во Сремски Карловци, почнало со производство и промовирање на овој традиционален германски колач. Членовите на германското здружение до денеска собрале речиси 400 рецепти за куглоф. Најпознати се старинскиот, шарениот, мраморниот и винскиот куглоф.

Во Музејот, кој е воедно и продавница за куглофи има пет видови куглоф кои стандардно се прават, но одвреме навреме, велат, прават по нарачка и други.

kuglof

Петте видови куглоф кои можете да ги најдете во секое време тука се оние со рум, лешници и чоколадо, потоа со кандирани кајсии, бело чоколадо и бадем, куглоф со вишни, лешници и чоколадо, посебен куглоф со марципан и кандирано овошје, кој се прави со кисело тесто и бермет, оригинален рецепт на сопственичката Катица Бибер Шнур, со пржени ореви, цимет, чоколадо и бермет, десертно ароматизирано вино по кое е препознатливо Сремски Карловци.

Музејот,  постои од 2000.година.

Во „Геа“ организираат и работилници за изработка на куглоф, нешто што било и дел од редовната настава на учениците во Карловачката гимназија. Инаку, организираат работилници и самостојно, и за деца и за возрасни, за да ги научат децата и да ги потсетат возрасните на тоа како некогаш се правел овој колач.

kuglof

Кога ги прават, велат, ги мерат состојките со стари ваги и матат рачно за да направат куглоф со вкус како некогаш.

Катица често оди на саеми и други манифестации, кадешто ја претставува гастрономската традиција на Сремски Карловци.

Рецепт за Бермет куглоф:
Состојки:

300 г шеќер
250 г маргарин
4 јајца
100 г суви смокви или суво грозје
100 г сечкани ореви
100 г црно чоколадо (скршено на парченца)
2 дцл црн бермет или црно варено вино
300 г брашно
1 прашок за пециво
1 лажица скроб
1 лажичка цимет

Приготвување:

Изматете ги шеќерот и маргаринот, па додавајте едно по едно јајце. Додадете ситно сечкани суви смокви или суво грозје, ореви. Чоколадо и виното, а на крајот помешајте ги и брашното, прашокот за пециво, 1 лажица скроб и една лажичка цимет.
Се добро измешајте, претурете во модла која претходно ќе ја нарсите и ќе ја поросите со презли и печете на 180˚C околу 1 час.

Драгица Христова