Мирко Попов зготви „победнички“ телешки бифтек

0
2162

Во рамките на денешното кулинарско-музичко шоу на платото пред МКЦ, воочи седмото издание на фестивалот „Здраво млади“, своите кулинарски вештини ги покажаа Мирко Попов (ПМГ Рекордингс), диџеј Гоце (САФ) и женската екипа составена од писателката Румена Бужаровска и уметницата Јана Јакимовска.

Со оглед на тоа што поентата на настанот и не беше толку во тоа кој ќе биде победник, туку во дружењето и забавата, не сме сигурни дека токму специјалитетот на Мирко Попов кој доби најмногу аплауз па беше прогласен за победник, беше и најдобар. Тој направи одличен телешки бифтек, но и раскошна салата со рукола, пармезан и семки од тиква.

Инаку, сите учесници покажаа дека се одлични во готвењето и дека одлично се снаоѓаат со тенџерињата и ножевите.

Диџеј Гоце подготви одличен рамстек сервиран на француски леб, а девојките подготвија одлична азиска храна. За десертот се погрижи Јана која направи чизкејк во чаши.

Како и да е, сите одлично се забавуваа, па настанот траеше многу подолго отколку што беше планирано. Настанот го водеше актерот Оливер Митковски, а присутните, освен што ја дегустираа храната и уживаа во музиката и во дружбата, имаа ексклузивна можност да си набават влезници за претстојниот фестивал „Здраво млади“ по промотивна цена од 500 денари.

Фото: Ирина Крстевска