Готвење, месење пити, јавање коњи, летање, туристички атракции…

Наташа Грамосли, сопственичка на „Touring Macedonia“ и нејзиниот деловен партнер Пеце Цветковски, сопственикот на „Вила Дихово“, се супер тандем кој ќе ве разгали, но и ќе ве размрда, ќе ве натера да пасете овци, да месите пити, да летате со параглајдер и да јавате коњи и што е најважно, да уживате во сето тоа!

0
1170

Touring Macedonia е мал тур оператор од Битола чија мисија е да креира интересни и впечатливи искуства за своите патници. Нивните тури се мозаик од активности и доживувања и речиси целосно нудат предели и атракции кои не можете да ги најдете во комерцијалната понуда на другите туристички агенции. Од сместување во автентични куќи на падините на најубавите македонски планини, до храна зготвена од свежи намирници кои можете и сами да ги наберете, планинарење со лиценциран водич, дегустација на мед, масажа со есенцијални масла од лековити билки,  џип оф-роуд  авантура до Пелистерски очи или пак џип сафари низ Мариово, кањонот на реката Црна, познатиот мост во Зовик, јавање на коњи низ Галичник  и се разбира, адреналинското доживување, тандем параглајдинг во Крушево или Трескавец.

За „Вила Дихово“ пак, пишува во најпознатите водичи за туризам, кои ги откриваат малку познатите но атрактивни дестинации во светот. Препорачани се и во издание на реномираниот туристички водич на Lonely Planet „Скриена Европа“. Во вилата престојувале амбасадорите на САД, Холандија, Германија, Франција, а престојувале и екипи на National Geographic, BBC, CNN, Lonely Planet, Yahoo Travel.

Пеце Цветковски, сопственикот на „Вила Дихово“ и неговата деловна партнерка Наташа Грамосли, сопственичка на Touring Macedonia, се супер тандем кој ќе ве разгали, но и ќе ве размрда, ќе ве врати кон природата и ќе ви открие многу непознати атрактивни локации во нашата земја.

Како се изроди идејата за Touring Macedonia?

Наташа: Touring Macedonia едноставно мораше да се случи! Сите луѓе што со години наназад работат во авантуристичкиот туризам имаат прекрасни понуди, но недостигаше Агенција, пред се, во Битола,  која ќе го склопи мозаикот и ќе понуди тури со најразлични атракции, особено за рекреација и релаксација. Многу природен е патот по кој се создаде Touring Macedonia. Тргнав  и од моите желби за доживување и патувања, желбите на моите пријатели. Секој викенд патувавме низ Македонија за на крај само да седнеме и да ручаме во некој од планинските ресторани. Ни недостигаше некоја активност за вистински да го доживееме местото.

Турите се дизајнирани за секој од нас. Ниту се специјално за спортисти авантуристи ниту пак за луѓе што сакаат само да посетат некој ресторан. Во нашите тури има баш се но во форма прилагодена за просечен турист. Токму затоа имаме водичи за секоја авантуристичка активност, од планински водичи за лесно планинарење до пилоти за  тандем летови со параглајдер, водичи за џип турите низ Мариово и Пелистер, инструктор за јавање низ Галичник, професионални готвачи и нутриционисти и можеби најважно за нас е што јас, но и колегите од Touring Macedonia како ваши домаќини, сме цело време во непосредна близина на гостите за да одговориме и на најпребирливите барања.

Тоа  е тој личен третман  што го добиваат нашите патници.

Како почна вашата соработка со „Вила Дихово“?

Наташа: Соработката со Вила Дихово беше логична и се случи многу ненаметливо. Заедно, јас и сопственикот на Вила Дихово изградивме уште еден објект во дворот на Вилата, каде што ги сместивме кујната и трпезаријата во кои ќе се одржуваат кулинарските часови, всушност тоа е за  нашата позната Кулинарска тура. Кујната е опремена со повеќе шпорети и мијалници баш по примерот на објекти во кои се изведуваат часови по готвење.  Соработуваме и со нутриционисти и жени од битолските здруженија на „Вешта жена“ со кои заедно ќе ги зготвиме старите македонски подзаборавени јадења.

Вашиот бизнис партнер ни раскажа некои интересни детали за Вила Дихово. На пример, нема појадок од 7-9, туку кој кога сака, ако гостите не се задоволни може и да не платат, и слично…По што друго се разликува ова место од сите останати?

Наташа: Токму така, Пеце, сопственикот на Вила Дихово и наш партнер е сам по себе доживување. Често знам, да кажам дека Вила Дихово без Пеце е само уште една селска куќа. Но, токму тој е зачинот кој му дава специјален вкус на престојот во Дихово. Најважно е гостите убаво и опуштено да појадуваат, да ја почувствуваат магијата на планинскиот воздух и со апетит да ги дегустираат природно подготвените сокови, сирење, селски јајца, кисело млеко, зелник со киселец , качамак и ред други рецепти. За нас се е договор со гостите, па и времето за појадок.

Имате многу интересни понуди, но за нас е најинтересен курсот за готвење, домашните производи, како и женската тура, па кажете ни нешто околу нив?

Наташа: Инспирирани од деновите кога нашите баби, мајки, тетки и нивните вкусни оброци зготвени со љубов, зачинети со искрена насмевка имаа вкус на топлина, слобода и среќа, Кулинарската тура ја претставува  Македонија преку нашата надалеку прочуена кујна, заедно со богатата историја, природата која го одзема здивот, античките локалитети и секако, неизбежното македонско гостопримство.

Турата „Кулинарско искуство“ ќе ве одведе на тродневна авантура низ времето.  Со помош на професионален готвач, секој ден се одржува кулинарски час, почнувајќи во Дихово со ненадминатиот рецепт за зелник со киселец набран од селските ливади, после посетата на Охрид вториот ден завршува со кулинарски час за рецептот макало од суви пиперки, праз и компири, и третиот ден – незаборавно искуство со посета на Островот Голем град во Преспанското Езеро  кадешто во селото Љубојно ќе се одржи кулинарскиот час за подготовка на познатото преспанско ѓомлезе под сач.

Не само што ќе научите како се готват македонските традиционални јадења по рецепти пренесувани од генерација на генерација, вкусувајќи мешавина на различни цивилизации сервирани во едноставни порции, туку и ќе ја прошетате рурална и урбана Македонија во нејзините најраскошни делови во југозападниот дел.

Во Вила Дихово имате гости од сите краишта на светот и соработувате со агенции од Нов Зеланд, Австралија…каков профил на луѓе обично доаѓаат, млади, повозрасни? Какви се нивните впечатоци, дали се враќаат тука или прераскажуваат понатаму па ви испраќаат свои пријатели, раскажете некоја интересна приказна врзана со овие посети и со впчатоците на странците?

Пеце:  Има безброј анегдоти бидејќи на вакви патувања доаѓаат луѓе кои сакаат да искусат нешто поразлично, оригинално и ненаместено за продажба. Баш затоа и сите гости се посебна приказна. Најсилен емотивен белег ми остави еден слеп патник од Англија кој пред да дојде во Македонија веќе имаше пропатувано низ 120 земји, има свој блог, пишува книги, патеписец е… Планирал да остане само еден ден во Вила Дихово а остана 5. Рече дека не „видел“ поубава земја, поубави луѓе и поубава природа. Секојдневно уживаше во звуците на диховските водопади, во тишината на Пелистерската борова шума, се одмораше во дворот на Вила Дихово дружејќи се со нас, со другите гости.  Рече дека не пробал повкусна храна и дека ја почувствувал искреноста со која е зготвена.

За која понуда има најголем интерес?

Наташа:  Секоја тура си има своја публика. Многу е привлечна турата Пелагонија Адреналин, почнувајќи од пролетта, во два дена доживувате толку многу што ќе ви трае до наредната сезона. Првиот ден е тандем параглајдинг од Крушево или Трескавец, се ноќева во Вила Дихово под Пелистер, со најубавите рецепти и домашно пиво , ракија и вино, а вториот ден со џипови се прави турнеја низ Мариово со посета на бункерите од Првата Светска војна, кањонот на река Црна и познатиот мост на Зовиќ.

Кој ги подготвува оброците во вила Дихово и што е она што посетителите најмногу го бараат?

Наташа:  Нашите готвачи се вешти жени. Тоа се жени кои со години ја чуваат македонската стара кујна од заборав , жени кои ги препишуваат македонските рецепти за да не се изгубат  за наредните генерации. Токму една таква тетратка е онаа од пред 120 години, од тетка Андроники, која е моја прабаба и чиишто рецепти и ден денес ги готвам.

Се случило ли некогаш да имате незадоволен гостин?

Пеце: Низ нашата Вила поминале стотици и стотици гости ама буквално од сите краишта на светот и верувајте можам да се сетам само на една незадоволна гостинка која имаше резервација преку booking.com и веќе однапред знаеше колку е цената за престој, но за жал во Битола ги потрошила парите и не можеше да плати за ноќевањата. Во таа ситуација рече дека воопшто не била задоволна од нас и ние се разбира ја испративме без да и наплатиме со добра желба безбедно да стигне дома.

Секој од нас е поинаков табиет, едно за некој е убаво за друг не, но верувајте, дружењето кое го имаат странците овде, комуникацијата со локалното население, природата и превкусната храна ги надминуваат сите недостатоци.

Споменавте и домашно производство на пиво…кој го прави пивото, дали станува збор за некое специфично пиво, дали им се допаѓа на посетителите?

Пеце: Приказната за пивото е многу интересна и е резултат на љубовта на една гостинка кон Дихово и кон Пелистер. Девојката беше дел од Мировниот Корпус и престојуваше во Македонија неколку години а во САД нејзиното семејство има пивара. Таа не само што ни го кажа рецептот туку заедно со нејзините родители дојде повторно во Дихово и во Вилата ги донесе маите за зафаќање на пивото. Прво направивме за своја душа, па го пробаа гостите, го засакаа и оттогаш е дел од нашето мени.

Текст: Драгица Христова