Малиот голем шеф со широко срце

0
1756

Иако има само 21 година, Антонио Ѓорѓиевски, веќе има четиригодишно искуство како професионален готвач. Завршил во средното угостителско училиште „Лазар Танев“. Последната, четвртата година ја завршил вонредно, за да може да стекне практично професионално искуство, првите две години во ланч барот Астера, потоа, во ресторанот Еквестриан, па во ресторанот Твинс, а од денеска и во ресторанот Фор, во рамките на Парк хотел и спа.

„Имам мерак за готвење од мал, практично, готвам откако знам за себе. Не се сеќавам точно од колку години почнав да ги пречекувам моите со направено јадење, но мислам дека немав повеќе од осум. Едвај чекав да останам сам дома за да влезам во кујна и да подготвам нешто за ручек, да ги изненадам домашните. Правев летна манџа, тави ориз, а потоа и покомплицирани јадења. Секогаш кога дома се спремале некои прослави како слави, родендени и слично, јас сум бил во кујната, и заедно со мајка ми, со тетките и бабите сум учествувал во подготовките. Од домашните, најверен дегустатор ми е татко ми, кој е голем гурман и може и сака да проба апсолутно се, дури и по цена да не му се допадне, додека пак, мајка ми е многу поспецифична и попребирлива. Кога завршив основно училиште малку се двоумев дали да се запишам во средно уметничко, затоа што сакав да научам да вајам, или во средно угостителско, но победи желбата за готвењето и никогаш не се покајав за тоа“, раскажува Антонио.


Освен што ужива во готвењето, тој е и активен член на здружението за социјални иновации АРНО (Асоцијација за развој на нови опции), особено кога станува збор за нивниот проект Кулинари. Поточно, Антонио е единствениот од првата група од 20 млади готвачи со кои стартуваше овој проект, кој остана во професијата и го продолжи ангажманот споделувајќи го своето искуство со помладите од него.
Благодарение на неговиот ангажман во 2016.година, Антонио е добитник на годинешната награда на УСАИД за индивидуален младински ангажман и придонес во општеството. Широкоградо, Антонио дел од наградата потроши на организирање на работилница за средношколци-готвачи со присуство на професионален шеф (Маре Јаневска).


Во петокот, во трпезаријата на средното угостителско училиште „Лазар Танев“, Антонио и неговите пријатели и ученици под закрила и со голема поддршка и помош од шеф Маре Јаневска, подготвија кулинарски афтерворк на кои можеа да се дегустираат нивните специјалитети.
„Остатокот од наградата од 1500 долари ќе ги потрошам за да си купам професионална опрема, поточно, ножеви, и за курс по англиски јазик“, вели Антонио со широка насмевка.
Иако е срамежлив, млад и младолик, Антонио е голем професионалец, но најважно од се е што обожава да готви и има големи планови. Сака да направи ресторан на тркала по урнекот на оној од филмот „Шеф“ кој не остави рамнодушен ниту еден од неговата бранша.
Засега, Антонио е пресреќен поради новата можност – да работи и да напредува во кујната на ресторанот „Фор“ во Парк хотел и спа во Скопје.
„Година и два месеци работев во ресторанот Твинс, но многу се радувам поради новото работно место во ресторанот „Фор“ затоа што станува збор за полуксузен ресторан кадешто често има новости и се следат светските трендови во кулинарството па знам дека ќе можам да се усовршам и да научам многу нови работи“, вели Антонио.
Инаку, со својот изглед изненадил многу од гостите на рестораните кадешто работел досега, кога некој од нив ќе посакал да се види со шефот, па ќе се појавел Антонио.
Иако е малечок по раст, млад, но и младолик, тој со својата несебична поддршка на средношколците и работилницата што ја организираше за нив, покажа дека има широко срце.

Дел од подготовките на младите готвачи
Менито креирано од шеф Маре Јаневска, направено со нејзина помош од Антонио и неговите ученици

Truffles