Ладна супа од кора од лубеница

Станува збор за белиот дел од лубеницата кој се наоѓа меѓу зелената кора и црвената внатрешност. Значи, не го фрлајте! Направете за 5 минути освежителна супа или пак вкусна салата

0
654

Иако сме навикнати да ја јадеме само сочната црвена внатрешност на лубеницата, време е да го смениме тоа.

Кората од лубеница е исто така јадлива, но и богата со корисни хранливи материи.  Во овој дел од лубеницата се наоѓаат витамините Б и Ц, и цитрулин кој се претвора во аргинин, кој е многу важен за здравјето на срцето и за циркулацијата.

Така може да се направи на пример зимница со белиот дел од кората такашто истите ќе се подготват на сличен начин како и киселите краставички. Но може да се направи и нешто набрзина – ладна супа.

Станува збор за белиот дел од лубеницата кој се наоѓа помеѓу слаткиот црвен плод и зелената кора. Иако црвената внатрешност е неспорно највкусна, и белиот дел може да биде вкусен, но на поинаков начин.

Супа од кора од лубеница

Состојки:

Кора од една кришка лубеница

1 помала краставица

1 лажица сок од лимон

1 лажица маслиново масло

200 мл јогурт

сол, црн пипер, копар

Приготвување:

Откако ќе ја исечете лубеницата и ќе го одвоите црвениот дел, излушете ја со нож за лушење зеленчук надворешниот дел – зелената кора и белиот дел исечете го на коцки. Ставете ги во блендер заедно со краставица исечена на коцки, 1 лажица маслиново масло, 1 лажица сок од лимон, 200 мл јогурт, сол, црн пипер, копар и едно чешне лук.

Изблендирајте и ставете ја смесата убаво да се излади.

Оваа одлична супа е многу освежителна, вкусна и најважно, се прави дури побрзо и од таратур.

Еве еден рецепт и за салата со белиот дел од кората.

Состојки:

1 кисела павлака

3 чешниња лук

бел дел од лубеницата

1/2 краставица

1 пиперка

2-3 ротквици

1 лажица маслиново масло

вински оцет или балсамико

Приготвување:

Подгответе ја кората од лубеницата на ист начин како за супата, но наместо да ја сечкате, изрендајте ја. Истото направете го со краставицата, ротквиците и пиперката, а лукот исечкајте го.

Ставете ги сите состојки во сад за салата и зачинете.

На Блискиот Исток и Кина се консумираат и семките од лубеница. Најчесто се сушат и се печат и се консумираат како закуска.