Иако сме навикнати да ја јадеме само сочната црвена внатрешност на лубеницата, време е да го смениме тоа.
Кората од лубеница е исто така јадлива, но и богата со корисни хранливи материи. Во овој дел од лубеницата се наоѓаат витамините Б и Ц, и цитрулин кој се претвора во аргинин, кој е многу важен за здравјето на срцето и за циркулацијата.
Така може да се направи на пример зимница со белиот дел од кората такашто истите ќе се подготват на сличен начин како и киселите краставички. Но може да се направи и нешто набрзина – ладна супа.
Станува збор за белиот дел од лубеницата кој се наоѓа помеѓу слаткиот црвен плод и зелената кора. Иако црвената внатрешност е неспорно највкусна, и белиот дел може да биде вкусен, но на поинаков начин.
Супа од кора од лубеница
Состојки:
Кора од една кришка лубеница
1 помала краставица
1 лажица сок од лимон
1 лажица маслиново масло
200 мл јогурт
сол, црн пипер, копар
Приготвување:
Откако ќе ја исечете лубеницата и ќе го одвоите црвениот дел, излушете ја со нож за лушење зеленчук надворешниот дел – зелената кора и белиот дел исечете го на коцки. Ставете ги во блендер заедно со краставица исечена на коцки, 1 лажица маслиново масло, 1 лажица сок од лимон, 200 мл јогурт, сол, црн пипер, копар и едно чешне лук.
Изблендирајте и ставете ја смесата убаво да се излади.
Оваа одлична супа е многу освежителна, вкусна и најважно, се прави дури побрзо и од таратур.
Еве еден рецепт и за салата со белиот дел од кората.
Состојки:
1 кисела павлака
3 чешниња лук
бел дел од лубеницата
1/2 краставица
1 пиперка
2-3 ротквици
1 лажица маслиново масло
вински оцет или балсамико
Приготвување:
Подгответе ја кората од лубеницата на ист начин како за супата, но наместо да ја сечкате, изрендајте ја. Истото направете го со краставицата, ротквиците и пиперката, а лукот исечкајте го.
Ставете ги сите состојки во сад за салата и зачинете.
На Блискиот Исток и Кина се консумираат и семките од лубеница. Најчесто се сушат и се печат и се консумираат како закуска.