Како да отстраните што повеќе пестициди од намирниците?

0
1234

Денеска е многу тешко да се најде непрскано овошје и зеленчук, но има неколку едноставни трикови со кои можете да отстраните поголем дел од пестицидите со кои се прскаат намирниците

Повеќето намирници што ги купуваме се прскани и полни со пестициди, и е навистина ретко (а за многумина и скапо) органското овошје и зеленчук кои можат да се најдат.

Со миење со вода се отстрануваат само механички нечистотии и мал дел од пестицидите па некои луѓе користат благо средство за миење садови и четка, а потоа ја лупат лушпата  која е полна со хранливи материи. Иако на тој начин овошјето и зеленчукот се мијат многу подобро отколку само со вода, тоа и натаму не е доволно за да се отстранат остатоците од пестицидите.

Во разни испитувања со отстранување на пестицидните остатоци е докажано дека со различни методи може да се отстранат остатоците од пестициди за 75 отсто. Секако, не е можно да се остранат 100 отсто бидејќи пестицидите навлегуваат длабоко внатре во намирниците, но и овие 75 отсто се одлично решение.

Најдобра опција е сами да си ги одгледувате своето овошје и зеленчук, но доколку тоа не е возможно, пробајте да најдете свеќи и квалитетни производи на пазар, од некој кого го познавате или, евентуално, доколку не ви се прескапи, еко производи со сертификат кои можете да ги најдете во поголемите маркети и во некои специјализирани продавници.

Одбирајте производи за кои знаете дека се „чисти“ (потсетете се за тоа ОВДЕ).

Напоменуваме дека генерално, најпрскано овошје се – јаболките, јагодите, грозјето, боровинките, праските и нектарините, а најпрскан зеленчук – целерот, спанаќот, салатата, црвените пиперки, краставиците, компирите и шери доматите.

Ако сте купиле овошје и зеленчук за кои не сте сигурни дали и колку се прскани, постапете вака:

Детално измијте ги и исчеткајте ги под млаз млака вода со многу малку благ еко детергент за садови. Добро измијте ги.

Напомена: Печурките само исчеткајте ги и избришете ги.

Не заборавајте многу убаво да ги измиете лубениците пред сечење затоа што нивната кора е легло на микроби, а ако не ги измиете од кората, со ножот само ќе ги внесете внатре!

Фрлете ги надворешните листови од лиснатиот зеленчук.

Земете голем сад и натопете ги плодовите во раствор од вода и купечко (во био-продавниците) или домашно средство за отстранување на пестициди.

Како да направите домашно средство?

Решение 1

1 лажица морска сол на шолја вода. Плодовите нека стојат во растворот половина час, а потоа измијте ги.

Решение 2

Направете раствор 1: 4 од алкохолен оцет и вода. Натопете ги половина час па измијте ги. Прсканите јаболка оставете ги во растворот и подолго. Оцетот може да ги неутрализира повеќето бактерии и пестициди кои се наоѓаат на свежите намирници.

Направете спреј за отстранување на пестициди

Рецепт 1

1 лажица сок од лимон, 2 лажици сода бикарбона, 1 чаша вода. Мешајте додека содата не се раствори и ставете ја смесата во шише со спреј. Испрскајте ги зеленчукот и овошјето и оставете ги 15 минути, па потоа измијте ги.

Рецепт 2

Шолја вода, шолја алкохолен оцет, 2 лажици сода бикарбона, неколку капки екстракт од семе од грејпфрут (одличен природен антибиотик) – и се добро измешајте.

Ставете ја смесата во шише со спреј и испрскајте ги овошјето и зеленчукот. Нека отстојат 15 минути па исплакнете.