Како да не се загушиме во сопственото ѓубре? (ВИДЕО)

Сите знаеме да критикуваме, но да се запрашаме што сме направиле ние досега? И што можеме да направиме допрва? На пример, да го селектираме сопственото ѓубре? На пример, да компостираме?

0
224

За развиените земји не постои отпад. Тој се рециклира или пак се користи како енергенс. Веројатно секој од нас кој некогаш посетил некоја земја од европската унија прокоментирал: Каде живееме ние, како може тука да е толку чисто, а кај нас толку валкано? И да бидеме искрени, не се секогаш виновни само, како што знаеме да кажеме, државата, градските служби, институциите и слично, туку и ние, обичните граѓани.

Ако се прашувате што можеме ние да направиме, тогаш можеби треба да размислите и да почнете да компостирате и да го селектирате своето ѓубре.

Конечно, не многу далеку од нас го имаме и најдобриот пример како сето тоа треба да функционира.

Словенија не е толку далеку од нас, но е со светлосни години пред нас во поглед на чистотата. Всушност, Словенија е пред сите и е одличен пример како тоа треба да функционира и кон што треба да се стремиме сите ние ако сакаме поубави, почисти и поздрави села, градови, држава.

Токму Словенија важи за најчиста земја на светот, со индекс од 96/100 за одржливост, екологија и природни резерви

Обединетите нации, ја прогласиле 2017. година за „Меѓународна година за одржување на развојот на туризмот“, а земјата која добила најмногу поени во сите категории, а со тоа ја добила и титулата победник, е Словенија.

Како критериуми за рангирање биле земени грижата за околината, стратегијата за справување со климатски промени, биодиверзитет, еколошка свесност, па титулата е сосема очекувана, со оглед на тоа што во 2016. Љубљана беше најзелен град во Европа.

Словенците можат да се пофалат со селектирање на отпадот и негово рециклирање, па најмалку една третина од вкупниот годишен отпад се рециклира. Драстично е намалена емисијата на штетни гасови со воведувањето јавни велосипеди, автобуси на природен гас и забрана за возење автомобили во центрите на поголемите градови, а за греење на станбените простори се користи природниот гас. 60 проценти од нејзината територија се покриени со шума и имаат 40 национални паркови и резервати.

Наместо да седиме со „скрстени раце“ и да очекуваме некој друг да ни го реши проблемот, време е и сами да направиме нешто, пред сè, да го исчистиме ѓубрето од сопствениот двор.

Првиот чекор е селектирањето на отпадот и, се разбира, компостирањето.

Секој од нас може да компостира. Пробајте да компостирате следејќи ги советите што ќе ги прочитате ТУКА.

Она што треба да го направиме е да ги смениме нашите стари лоши навики во однос на третманот на отпадот и однесувањето со животната средина.

Кај нас, се произведуваат огромни количини земјоделски производи, па пропорционално на тоа се создаваат и големи количини органски отпад.

Поради стихијното, непланирано и недоговорено производство, речиси секоја сезона имаме хиперпродукција, односно вишок на производи кои остануваат без пласман или, пак, земјоделските производители, незадоволни од откупните цени, едноставно ги фрлаат и се откажуваат од нивната продажба и тие на крајот завршуваат како отпад заедно со останатиот, најчесто, на непрописни места за одложување отпад, на излезите од населените места, покрај патиштата, или во речните корита и во каналите. На тој начин не само што се создава грдна слика, туку се загадува и околината.

Токму компостирањето е она што може да се направи со овој вид на отпад, додека отпадот од неорганско потекло може повторно да се употреби во процесот на производството, со негово селективно собирање и рециклирање, односно со негова повторна употреба во процесот на производството. Но кај нас не се прави соодветно ниту едното, ниту другото.

Органскиот отпад е подложен на брзо гниење, односно скапување, при што се шири непријатна миризба и притоа се ослободуваат штетни материи кои ја загадуваат околината (воздухот и почвата).

Доколку овој отпад селективно се собере во свежа состојба, се иситни и се измеша со суви лисја и градинарска земја, тогаш не се случуваат тие штетни последици, туку се добива нешто корисно –  органски компост.

Се разбира, овој процес познат како компостирање треба да се одвива во компостери, а компостната смеса потребно е да се меша редовно, еднаш неделно, во рок од 4 до 5 месеци.

На крајот се добива квалитетен органски компост, кој може да се користи во земјоделското производство, или во сопствената градина при производството на органска храна.

Производството на органски компост се темели на она што секојдневно и постојано се случува во природата без вклучување на човечкиот фактор. Кога органските материи се во чиста природна состојба и не доаѓа до мешање со неоргански отпад, нема потреба од селективно собирање, а сите тие природни услови нудат и сè друго што е потребно за создавање на квалитетен хумус, пред сè земја, влага и доволно кислород.

Но, во урбани услови најчесто се случуваат спротивни процеси. Органскиот отпад од домаќинствата, зелените пазари, се депонира во контејнерите со другиот смет и заедно со него завршува на легалните или, пак, во најлош случај, на дивите депонии.

Во рурални услови овој органски отпад (непродадените количества зеленчук и овошје, како и биомасата која останува по полињата) најчесто завршува покрај речните корита, до патиштата, меѓу нивите или, пак, на некои други диви депонии. На тој начин, не само што неповратно се губи огромно количество органска материја, туку доаѓа и до опасна деградација на земјиштето на кое се депонира тој отпад. Еден од главните предуслови за органско производство е постоење на здраво земјиште. За создавање на плодно земјиште потребни се стотина години, а за негова деградација, само неколку месеци. Земјиштето е необновлив ресурс кој треба да овозможи производство на храна, која ќе биде квалитетна и пред сè здрава.

Грижата за земјата, меѓудругото, подразбира и нејзино третирање со органски компост, наместо со вештачки ѓубрива. Токму затоа е потребно да се обезбеди како во урбани, така и во рурални услови, кружно движење на органската материја, односно да се овозможи повторно враќање на органскиот отпад во земјата во вид на органско ѓубриво, познато под името компост. За да се успее во тоа потребен е човечки ангажман. Потребно е да се реализира процесот на компостирање, кој во такви услови не го врши природата, туку човекот. Неопходни услови за извршување на овој процес е претходно селективно собирање на отпад и негова дистрибуција до компостерите во кои ќе се измеша со градинарска земја и суви лисја за да се создаде компостна смеса. Со методот на компостирање, органскиот отпад се отстранува од депониите и од некои други несоодветни места, и тоа на безбеден начин за животната средина и корисен за производството. Добиениот компост претставува важен извор на хранливи органски материи кои можат да се употребат во органското производство. Производителите кои користат компост имале можност да се уверат дека нивните производи по вкус и арома се многу подобри од оние кои се одгледувани со вештачки ѓубрива, а експертите тврдат дека и хранливата вредност им е поголема.