Како да ги „поништите“ ефектите од празничното прејадување

За прочистување на организмот диетолозите препорачуваат да се пие многу вода, а за подобар ефект се препорачува тринеделна програма за детоксикација со лен и кефир.

0
615

За време на празници сите јадеме и пиеме повеќе отколку обично, што секако не е добро. Ако веќе сте претерале во тоа, еве совети како да го исчистите организмот.

Иако Нова година и Божиќ се слават еднаш годишно, тоа не е изговор да се заборавиме од јадење и пиење. Напротив, треба да се води сметка да не се претера со јадење и со пиење, а ова особено се однесува на хроничните болни и на лицата со покачен крвен притисок, дијабетес и срцеви проблеми, но се однесува и на здравите лица.

Како да им одолеете на искушенијата, а ако не им одолеете – како да се исчисти организмот од токсините и штетните материи внесени преку храна и пијалок?

Она што треба најпрво да сфатиме е дека е подобро силната и калорична храна која ја внесуваме да ни биде појадок или ручек, додека вечерата би требало да биде поскромна и полесна.

Диетолозите нагласуваат дека заедно со обилните оброци треба да се пие повеќе вода, затоа што тоа му помага на организмот да се ослободи од наталожените токсини и големите количини сол од храната и пијалоците.

Препораката е после прејадување да се изеде несолена супа или да се испие чај без шеќер, но и доста вода, затоа што таа ќе ги извлече токсините и солта и ќе помогне да се намали притисокот.

Се препорачува после празници да се јаде што повеќе зеленчук, немасни меса, а да се избегнува пржено и похувано месо прелиено со павлака или ролувано во сланина и кашкавал.

Диетолозите советуваат и слатките да се заменат со суви сливи, сува смоква или кајсија или со јаткасти плодови.

Освен на чистење на организмот од токсини, акцентот се става и на физичката активност која со делувањето на рецепторите поврзани со инсулинот ја зголемува потрошувачката на шеќер, го регулира метаболизмот и го намалува апетитот.

Нутриционистите предлагаат секој ден да се започне со детоксикација на усната празнина со сода бикарбона или маслиново масло

На задната страна од четката за заби ставете сода бикарбона и исчистете го јазикот а 1 грам сода бикарбона растворете во вода и испијте. Вториот начин е со маслиново масло кое се држи во устата 20 минути и потоа исплукајте го.

Исто така е важно да се внесуваат доволно течности и да се пие вода во која ќе додадете лимон, евентуално, свежа краставица, малку нане и ѓумбир.

Чаевите, супите и чорбите се добро решение за чистење на организмот, а за ефектна се смета и детоксикацијата преку кожата.

Освен во сауна, ова можете да го направите и во своето купатило. Во када со вода ставете етерични масла од лаванда или рузмарин, додадете малку морска сол и легнете во кадата, а третманот дополнете го со детокс чај или со сок од свежо цвекло, моркови и јаболка.

За подобар ефект се препорачува тринеделна програма за детоксикација со лен и кефир.

Првите седум дена за појадок помешајте лажица ленено брашно со 150 мл кефир, втората недела по две лажици лен и 150 мл кефир, а третата недела измешајте три лажици мелен лен со 150 мл кефир.

Комбинирајте колку што може повеќе салати – зелка, зелена салата, краставица затоа што содржат многу вода и ќе ви дадат чувство на ситост. Против мамурлук консумирајте ги проверените рецепти – кисела зелка, расолница или чорба од домати.

Фото: Pixabey