Исчистете го организмот од шеќер

Шеќерот од било кој вид и во било кој облик не е добар за човековиот организам. Не е важно дали користите бел, кафеав, од трска или од репка, со неговата употреба го зголемувате ризикот од настанок на дијабетес и од дебелеење. Направете детоксикација и исчистете го организмот од шеќер!

0
2037

Не се потребни некои големи промени и одрекувања за да го исчистите телото од штетните шеќери. Обидете се барем еден месец да ги следите нашите совети и промената ќе биде повеќе од видлива.

Мали чекори

За почеток обидете се да пиете кафе без шеќер. Исто така, престанете да нарачувате кафе со шлаг затоа што и додатоците се обично полни со замаскирани шеќери. Со време ќе се навикнете.

Засилете го внесувањето на влакната

Доколку долго сте се хранеле со храна богата со шеќери и со масти, голема е веројатноста дека микробите во цревата сосема ви се измениле. Тоа ќе го решите такашто во периодот без шеќери ќе го засилите внесувањето на намирници богати со влакна кои ќе ја поттикнат функцијата на цревните бактерии, ќе ви донесат чувство за ситост и ќе се намали желбата за благо.

Користете зачини

Многу е важно организмот да го привикнете на режим без слатки вкусови и затоа не ги менувајте лошите шеќери со „добри“ туку сосема изоставете ги. Заборавете и на медот, сирупот од агава, меласа, стевија и останатите поздрави варијанти затоа што вашето тело нема да ја забележи разликата и нема да се ослободите од неподносливата желба за благо.

Вкусот на јадењата ќе го подобрите со свежи или суви зачини како што се циметот, мускатното оревче, кардамом, ванила…

И напитоците се сметаат

Кога се откажуваме од шеќери, треба да се откажеме и од оние во течна форма што подразбира сокови, газирани напитоци, енергетски пијалоци, алкохол. Во текот на детоксикацијата пијте исклучиво вода или свежи цедени сокови од овошје и зеленчук, секако, без дополнителен заблажувач. Во соковите ставајте повеќе зеленчук затоа што овошјето само по себе е богато со шеќер.

Дајте си време

Откажувањето од шеќер е многу потешко отколку што мислат многумина и затоа не почнувајте нагло затоа што брзо ќе се откажете. Дајте си околу 30 дена за да го исфрлите шеќерот. Значи, прво почнете со кафето, па исфрлете ги слатките намирници, па соковите. Уште во првите 30 дена ќе почувствувате дека организмот ви бара сѐ помалку благо.

Не се откажувајте од кечап – направете домашен

Ако сте љубител на кечап, информацијата дека 1 супена лажица кечап содржи мала лажичка шеќер, сигурно нема да ве израдува, но за тоа постои решение – домашен кечап.

Ставете во сад неколку капки масло и ставете го да се грее на шпоретот, па додадете три главици црвен кромид исечкан на тенки тркалца и донстајте додека да омекне – околу 20 минути. Во кромидот додадете ¼ шолја вода и оставете да се вари 1-2 минути. Додадете 2 пиперки печени на скара или во фолија на рингла, излупете ги и исчистете ги од семките и исечкајте ги, а потоа ставете и 150 мл пире од домати и оставете да се загрее 2-3 минути. Потоа додадете 1 ½ лажичка оцет, лажичка дижон сенф, сол и свежо мелен црн пипер. Ставете ја смесата во блендер и смелете а потоа процедете го кечапот низ густа газа.