Домашна араванија во домаќинска гостилница

0
1393

Долго време мислев дека никогаш повеќе нема да пробам таква араванија како таа што ја правеше баба ми, сѐ додека не ми ја понудија во гостилницата „Фросина“ која иако е лоцирана близу центарот на градот, сепак е на мирна локација, подалеку од центарските турканици.

Се наоѓа на улица „Киро Крстески – Платник“, во близина на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, а она по што е препознатлива е менито полно со домаќински рецепти, направени како за дома. Од храната која се готви тука се хранат и сопствениците Фросина и Тони Ивановски и нивните деца – средношколката Сара и нејзиниот помал брат Давид.

„А каде би можеле и да јадеме на друго место кога сме по цел ден ангажирани тука? Ова не е луксузен ресторан со шеф на кујна кој би можеле да го платиме колку што заслужува, а ние да наминуваме само да видиме како тече работата, туку е гостилница во која ние самите заедно со двајца вработени, ја готвиме храната исто како што би ја приготвиле и за дома. Се разбира, имаме и скара, но тука главно доаѓаат оние кои сакаат домашна храна, а немаат време да си ја зготват сами. Кога можат доаѓаат и децата, а кога не се расположени за ручек во „Фросина“, се снаоѓаат дома сами“, велат сопружниците Ивановски.

А за десертите, што да ви кажам…ни понудија араванија, а кога ни ја донесоа сервирана заедно со две зелени смоквички од домашното слатко, она, омиленото, ни светнаа очите. Не чинело да се јаде многу благо? Е не чини, да, ама оваа араванија ни легна како мелем на душа.

Ги замоливме за рецептот, ама и за марифетот и ги добивме и едното и другото лично од мајсторката за араванија, госпоѓа Донка.

Состојки:

10 јајца

10 лажици шеќер

10 лажици гриз

11 лажици брашно

1 прашок за пециво

За шербетот:

1.200 г шеќер

1 л вода

2-3 тркалца лимон

Приготвување:

„Ние ја правиме оваа количина, но вие можете и да ја преполовите дозата“, не посоветува госпоѓа Донка и продолжи да објаснува:

„Прво се матат јајцата и шеќерот ама подолго, додека не се направи смесата како крем. Потоа се додаваат полека, лажица по лажица гризот и брашното во кое претходно се додава прашокот за пециво.

Смесата се мати уште неколку минути и се истура во подмачкана тепсија. Се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.

Се остава да се олади па се сече на коцки.

Во меѓувреме се вари шербетот. Водата, шеќерот и 2-3 тркалца лимон се зовриваат и додека е шербетот жежок се прелива оладената араванија.

Пробајте, а ако не ви успее, не очајувајте. Ако имате среќа ќе можете да најдете араванија кај нас, во Фросина“.