Дали би дегустирале храна во темница?

Само во исклучителни случаи како овој од синоќа – традиционална храна од регионот приготвена од младите кулинари од „Лазар Танев“, како дел од проектот на новите пријатели од „Генератор“ од Врање, изготвен во соработка со старите пријатели - Ирина Јаневска и АРНО. Значи, кога имате комплетна доверба, може и на слепо

0
423

Дегустација на храна во темница обично не е препорачливо, но бидејќи имаме целосна доверба во оние кои не поканија на синоќешната јавна дегустација во „Јавна соба“ (Ирена Јаневска и АРНО), уживавме целосно во вкусовите на храната приготвена од младите кулинари од средното угостителско училиште „Лазар Танев“, иако не можевме да видиме што точно јадеме. Секако, ова не само што не го намали нашето уживање, туку го направи уште повозбудливо.

Настанот кој вклучуваше јавна дегустација на традиционална храна од регионот беше дел од проектот „Гастрономска мапа на Западен Балкан“ инициран од граѓанската организација „Генератор“ од Врање во соработка со: „АРНО“ од Скопје,  „КЦИЦ“ од Гњилање и „Бона Фиде“ од Пљевља, со поддршка на Фондот на Западен Балкан.

Проектот презентира нетипични категории на локалното население кои ги зачувуваат локалните гастрономски традиции, како што тоа го прават младите кулинари, ученици-готвачи од СУГС „Лазар Танев“ и дел од проектот „Кулинари“, или како што тоа го направиле женските професионалци и високо-едуцирани жени, жртви на домашно насилство, обожавателите на рокенрол, како и типичните зачувувачки на традицијата- жени активни во малцински здруженија на жени. Синоќа, во Скопје, младите готвачи-професионалци подготвија рецепти од поширокиот регион, а резултатот беше величенствен.

Ајвар, пинџур, пита, гулаш, селско месо, летна манџа, турлитава, штрудла, сирење, кашкавал и уште многу други вкусни и познати рецепти, а само еден стомак.

Покрај работилниците за готвење и јавните дегустации низ регионот, овој проект ќе резултира со објавување на книга-готвач, 8 видеа за готвење и 5 разгледници со мапи на 4 специфични јадења: ајвар, гулаш, штрудла, пита.

„Преку овој проект ние сакаме да ја зајакнеме регионалната соработка и редовната комуникација, како начин за позитивни и конструктивни решенија за различните регионални конфликти“, велат организаторите.