Дали знаете каде да го фрлате употребеното масло за готвење?

0
241

Додека во големите градови во светот смислуваат проекти како во канализациските цевки да се намали појавата на мрсни наслаги кои го затнуваат целиот систем, а чие отстранување знае да чини и неколку десетици милиони евра, јавноста се почесто се предупредува на правилен начин да се ослободува од кујнските масла и маснотии.

Најчесто, употребеното масло за готвење се фрла во одводот или пак во ВЦ шолја, но експертите предупредуваат дека е тоа најлошата варијанта.

Имено, еден литар масло, верувале или не, загадува речиси милион литри чиста вода. Оваа количина вода е количина која нормален човек ја употребува за полни 14 години.

Затоа, според едни, најдобро што можеме да направиме со употребеното масло е да го исцедиме во пластично шише, цврсто да го затвориме и да го фрлиме во ѓубре, а според други, откако добро ќе се олади, маслото треба да се стави во сад кој не е предвиден за рециклажа, и да се фрли со останатиот отпад од домаќинството, во канта за ѓубре.

На пример, можеме да го ставиме во пакување од искористено млеко со капаче или некој друг сад од кој нема да истече.

Во секој случај, што и да направите, немојте никако да го истурате во кујнскиот садопер, во мијалник или во тоaлет затоа што така ризикувате настанување на големи наслаги во канализацискиот систем на вашиот град, но и на домашниот.