Овесната каша стекна релативно скоро популарност кај нас иако овесните снегулки од кои се прави самата каша долго претходно беа на полиците на продавниците.
Секако, секогаш е најдобро да си ја подготвите самите наместо да ги купувате инстант кесичките со различни вкусови кои се сепак подобар избор од четвртина бурек. Макар што, можете понекогаш да си дозволите и бурек.
Овесната каша има безброј придобивки а една од најпопуларните е онаа дека помага во контролирањето на телесната тежина. Имено, бета глуканот кој се наоѓа во нејзиниот состав го намалува апетитот зголемувајќи го нивото на хормонот холецистокинин..
Овесната каша го контролира и крвниот притисок-исхраната богата со цели зрна жита (овес, пченица,…) во извесна мерка има ефект на лекови против висок крвне притисок.
Го намалува холестеролот-3 грама растворливи диетални влакна дневно, може да го намали холестеролот до 20%. Шолја овес има 4 грама растворливи диетални влакна.
Ја штити кожата. Растителните влакна во овесот прават филм кој помага за зачувување на влажноста на кожата, а овесните мекињи можат да се употребат за пилинг.
Го намалува ризикот од добивање на карцином на дебело црево-секои додадени 10 грама растителни влакна во нечија исхрана го намалуваат ризикот од добивање карцином на дебелото црево за 10 отсто.
Го контролира шеќерот во крвта-веќе споменатото изобилие од растворливи растителни влакна во составот на овесот, овозможува бавно ослободување нашеќер во крвотокот (низок гликемиски индекс) и дава подолго чувство на ситост.
Спортски способности – високото ниво на јаглени хидрати и протеини, овозможува добивање на здрава енергија која е потребна за остварување на подобри физички способности.
Го зголемува имунитетот-бета глуканот од овесот им помага на неутрофилите (крвни елементи) побрзо да дејствуваат на бактериските инфекции.
Го помага сонот-овесот содржи мелатонин и сложени јаглени хидрати кои помагаат што повеќе триптофан да влезе во мозочните клетки и така доведуваат до побрзо заспивање. Еден од витамините во составот на овесот е и Б6, кофактор во производството на серотонин во мозокот.
Промовира антиоксидативно својство– авенатрамидот е фенолен алкалоид кој е единствен за овесот. Овој антиоксиданс ги намалува воспаленијата и го поттикнува производството на азот моноксид, кој го спречува оштетувањето на артериите.
Приготвување на овесна каша
Приготвувањето на овесна каша е лесна и едноставна.
Четири лажици овесни снегулки и околу 3 дцл вода да се загреат на рингла, па кога смесата ќе зоврие измешајте и оставете да стои 5 минути за снегулките да набабрат од впиената вода. Не треба да се вари подолго за да не ги изгуби хранливите вредности.
Бидејќи има неутрален вкус, овесната каша е идеална за правење и на слатки и на солени јадења. По желба можете да ѝ додадете млеко (било кој вид), јогурт, кефир, кисело млеко, јаткасто, суво и свежо овошје, мед, зачини (цимет, каранфилче, анис, ѓумбир, мускатно оревче), какао, рогач во прав. Ако сакате солени варијанти, додадете сирење и зрнце сол.
Уште поедноставно е четири лажици овесни снегулки да потопите во млеко, јогурт, кисело млеко или кефир и оставете ги преку ноќ во фрижидер да набабрат, а наутро, во зависност од вкусот, додадете некои од состојките што ги споменавме.