Чорба за големото финале

Можеби не звучи многу привлечно и популарно, но ако сте од оние кои за Нова година печат прасечко, сигурно со својата полутка сте добиле и џигери кои е греота да не се искористат

0
241

Деновиве се навистина тешки. Сета онаа храна која сте ја приготвиле за дочекот на Новата година, треба да се изеде.

А ако сте од оние кои за Нова година се подготвуваат како да е суден ден па на пример, наместо посна трпеза, на масата секогаш имаат прасечко печење, тогаш сигурно и годинава сте си ја купиле својата прасечка полутка, а со неа сте добиле и нешто гратис – прасечките џигери.

Што би правеле со нив?

Па се разбира, чорба.

Така, госпоѓа Весна Јованова, нашата читателка од Скопје, ја направила оваа чорба од прасечки џигери која деновиве со семејството и пријателите ја консумираат на крајот од оброкот. Да, да, на крајот. Кога веќе мислат дека немаат место за ништо повеќе, госпоѓа Весна ја подгрева чорбата, ја зачинува со лута буковка, многу лук и вински оцет и ја послужува.

Потоа веќе можат да се поздрават. Оттука натаму нема скршнување, лукот го симнува притисокот и сите се спремни само за во кревет.

Можеби не е баш во согласност со нашите здрави совети за исхрана, ама имаме оправдување: празници се, нели?!

Во чорбата има само џигери, ориз, сол, црн пипер и запршка од зејтин, брашно и црвен пипер.

„Горивото“ (лукот и оцетот) се додаваат потоа, секој по своја желба.

Благодарност до госпоѓа Весна за рецептот и фотографијата.