Вчера (17.јули), во Скопје имаше два настани на некој начин поврзани со гастро сцената – но овојпат, тоа не беа ниту нови вкусни јадења, успеси на македонските шефови или отворање нови ресторани, туку вистински трилер приказни.
Во центарот на градот, на крајот од работниот ден, поточно после 1 часот, е ограбена сендвичара од која разбојникот со пиштол во рака го одзел дневниот промет.
А во трговскиот центар Лептокарија среде бел ден – брканица со ножеви.
Маж и жена со сатари во рацете бркаа низ трговскиот човек кој наводно, не сакал да ја плати сметката во фаст-фуд ресторанот за кинеска храна кој веќе неколку години функционира на оваа локација.
Нашава држава во која веројатно на крајот нема да има кој да го чува клучот од затворот, станува вистинска трилер сцена.
Не знаеме точно која била причината, ама бркотницата низ Лептокарија го засени дури и апсењето на Боки и присуството на полицијата пред домот на неговите родители во Тафталиџе 1 кое беше главен настан претходниот ден во овој дел од градот.
Грабежот во сендвичарата, освен што е изведен филмски, со пиштол, е решен, а разбојникот фатен, но за бркотницата во Лептокарија сѐ уште има многу дилеми.
Постојат неколку опции:
- На оној што го бркаа низ Лептокарија не му се допаднала храната
2. Храната му се допаднала, но му била премногу скапа
3. Храната не ја ни пробал, само ја нарачал и кога ја видел сметката, фатил џаде
4. Мислел дека нарачува десетка со кромид, а добил пилешко со ориз
5. Сакал да проба кинеска храна, ама не си го зел паричникот
6. Итн, итн
Е сега, која и да била причината, сигурно дека не е во ред кога некој не сака да ви го плати трудот што сте го вложиле, но секако мора да има простор и за рекламации. Мислам, ако баш не му се допаднала. Или пак ако го згрешил локалот.
Којзнае кои се точно приказните на учесниците во оваа брканица со ножеви, сатари или слични сечива, но тешко дека некој наскоро ќе се осмели да пријде за да нарача или само да помисли на кинеска храна. Па макар со денови сонувал за овие кисело-слатки и лути вкусови.
А се сеќавам на она што ни го раскажа летово г. Шадан Хусеини во својот ресторан на Хвар во врска со неплаќањето сметки:
„Ни се случувале разни ситуации. Имало случаи гостите да се најадат, а потоа да не сакаат да ја платат сметката. Дури еднаш се случи да дојдат тројца гости, две момчиња и една девојка кои откако убаво се најадоа и ги испразнија сите чинии, не сакаа да ја платат сметката затоа што, наводно, на еден од нив му паднала пломба од забот. И што ќе им правиш, не можеш да правиш циркузи и сцени“.
Ама не се сите како господин Хусеини! Или е до локацијата, којзнае. Но кај нас е дефинитивно сѐ можно. Како и да е, ниту на брканиот нема да му текне веќе да нарачува кинеска храна, особено ако претходно не се информирал за цената.
А деновиве најавуваат повторно високи температури. Тешко нас, што ли ќе се случува на плус 40?!
Фото: Pixabey