Шадан Хусеини: Човекот што во зима живее под Шара, а во лето на Хвар

Сакал да студира стоматологија, апсорвирал на хемија, но факултетот не го завршил. Кога почнала војната и распадот на СФРЈ, тој почнал бизнис - на Хвар. Иако на островот немало воени дејствија, имало тешки години и многу предизвици, но неговата љубов кон овој град била пресудна, тој до ден денес половина од годината работи на Хвар, а остатокот од годината се одмара во родниот град, под Шара.

0
3102

Нашиот нов пријател, господин Шадан Хусеини, во градот Хвар е познат како Роко, па токму така се вика и неговиот ресторан во самиот центар на градот Хвар, поточно, на плоштадот Свети Стјепан, број 33.

Тука, како што напишале и на интернет страницата на ресторанот, можете да уживате во вкусната храна, од Велигден, до средината на октомври, значи, речиси 6 месеци.

На оваа локација, господин Роко е од 2008. година. А како дошол тука ни раскажа додека седевме со него во ладовината на терасата на неговата пицерија- ресторан.

Хусеини е тетовчанец и прв во неговото семејство кој се занимава со угостителство. На Хвар првпат дошол како гимназијалец, за да работи преку лето во слаткарницата која била во сопственост на некој стар слаткар од тетовските села.

„Дојдов и се вљубив во местово. Не залудно некој тукашен бискуп рекол дека кога човек еднаш ќе се напие хварска вода, веќе не може да си оди оттука.

Првиот пат кога дојдов, останав тука два месеци, а потоа продолжив да доаѓам неколку години по ред. И кога се запишав на факултет во Приштина, продолжив да доаѓам. Сакав да студирам стоматологија, апсолвирав на хемија во Приштина, но не завршив, факултетот се затвори, а во 1990.веќе почна и распадот на Југославија и војната.

Јас во меѓувреме постојано доаѓав на Хвар, и толку бев вљубен во  местото што кога газдата кај кого работев одлучи да го продава бизнисот, јас одлучив да го земам и да го продолжам, мислејќи нема да биде тоа што бидна. Моите ми викаа да си дојдам дома, ама јас бев упорен и останав. Навистина, тука немаше војна, но немаше ни туризам, работевме повеќе со избеглиците од Босна и од Хрватска. Нема никогаш да го заборавам доаѓањето тука во тој период, од Скопје, со автобус, преку Бугарија, Романија, Унгарија, Австрија, Љубљана, со воз до Риека и од Риека со брод до Стари Град. Ете тоа беше турата од три дена. Но јас тогаш не ги гледав околностите, ми дојде шансава, ја зедов слаткарницата и сите тие години, само во 1993.година не отворив, бидејќи работев во Италија. Мораше некако да се снаоѓам, тука требаше да се плаќа киријата. Но полека тргна работата. На Хвар доаѓаа Италијани кои знаеја дека тука нема ништо, во 1994. година шест месеци траеше примирјето во Босна и тогаш имавме убаво лето. Во 1995.година се случи „Олуја“ и таа година работата беше послаба, но од следната година тргна убаво, се зајакна туризмот. Јас во меѓувреме отворив и фаст-фуд, но сопственикот на куќата кадешто беше слаткарницата почина, а мене договорот ми истече во 2002.година, а во 2003.година ми истече и договорот за просторот кадешто  држев фаст- фуд. Четири години држев пицерија во Стари град, колку да бидам тука, близу до Хвар и да се вратам веднаш кога ќе најдам простор“, раскажува господин Шадан додека разговорот постојано ни го прекинуваат снабдувачите, локалните жители, неговите пријатели и, се разбира, вработените кои секогаш имаат нешто да го прашаат или да му кажат. А тие пак, сите до еден – момци од Македонија.

„Четворица се од Велес, еден од Кочани, еден од село Милетино, тетовско, само двете девојки што веќе шеста сезона работат во кујната се две сестри од Славонија. Јас доаѓам обично накај 15. април, а жена ми и децата доаѓаат на почеток на јуни. Така не сме многу разделени. Тие остануваат тука три месеци, па на почеток од септември ги враќам со кола дома, останувам таму 2-3 дена па се враќам пак на Хвар за да ја завршам сезоната и на 15.октомври си одам во Тетово“, објаснува тој.

Инаку, неговата сопруга Теута е инструктор по медицина во Средното медицинско училиште во Тетово. Додека зборувавме со неа, неодоливо не потсетуваше на некого. На Мерил Стрип. Можеби тоа не може да се забележи на фотографиите, но ако поседите со неа малку подолго, ако ја слушате како зборува и особено, како се смее, ќе сфатите зошто.

Нивната ќерка која е родена во Сплитската болница, е полуматурантка, а синот завршува втора година информатика на Штуловиот универзитет. Иако не е воодушевен, синот помага во работата и како и сите вработени, добива плата, а годинава за првпат во работата ќе се вклучи и ќерката која сепак инсистира да добива слободно време во текот на денот тогаш кога ќе имаат пауза и нејзините тукашни пријатели со кои сака да оди некаде на плажа.

„Тука сите деца работат некаде за време на сезоната, па ќе работат и тие. А кога станува збор за одење на плажа, морам да признаам дека кога бев помлад и јас секој слободен час трчав на бањање и се чудев зашто газдата за кој работев, за време на својата пауза оди дома и спие. Е сега ми е јасно. Работата е напорна, а газдата секогаш мора да дојде прв и последен да си оди. Јас сега може да се случи да одам на бањање само 3-4 пати во текот на цела сезона и тоа само кога ќе ми дојдат некои пријатели, инаку, ако имам време, одам до дома да се одморам малку, а кога немам ни толку време, одам само да се истуширам и толку“, раскажува Шадан.

Затоа пак, кога сезоната ќе заврши и тој ќе си дојде дома, во Тетово, не работи ништо, освен што им подготвува појадок на домашните и понекогаш, кога децата ќе посакаат, им спрема тестенини, шпагети со пеперончини и маслиново масло или некоја пица.

Вели дека до ден денеска, луѓето кои биле деца во периодот кога тој ја држел слаткарницата, сѐ уште го прашуваат дали пак ќе има од неговиот сладолед кој го правел на старински начин, со жолчки и млеко.

Сега неговиот ресторан е познат по кебапите што ги продава во лепиња со кајмак и со ајвар. Тоа е нешто што во другите ресторани на Хвар го нема. А познат е и по лепињите кои ги потпекува на скара, ги сече на коцки и им додава фета сирење и лут буковец.

„Кебапите кои ми ги прави веќе седум години по мој рецепт еден месар од Сплит и потпечената лепиња со фета и буковец, се нешто по што сме препознатливи. Да се знае од каде доаѓаме“, се смее Роко. Но познат е и по квалитетот на пиците кој единствен тука ги прави со свежа моцарела и тесто од италијанско брашно (Дивела) и многу малку квасец, кое, како што вели, мора да стои 24 часа за да биде како што треба. Познат е и по италијанскиот, но уште повеќе, по францускиот бифтек во кој знаат да уживаат вистинските гастрономи.

А гостите во неговиот ресторан се разновидни. Ги има од секаде. Со Италијаните зборува на совршен италијански, а научил и англиски и германски токму од контактот со гостите. Вели дека порабо најдобри клиенти им биле Скандинавците, но сега тие повеќе не доаѓаат толку на Хвар, бидејќи биле најчесто семејни луѓе, а Хвар е денеска остров на млади. Доаѓаат, се забавуваат и, како што вели господин Шадан, гледаат да се најадат побрзо и поефтино, а потоа даваат многу пари за 1-2 коктели на места како што е ексклузивниот бар „Карпе Дием“.

Вели дека му се случувале разни ситуации, а една од посмешните е онаа кога тројца гости, две момчиња и една девојка, откако убаво се најале и ги испразниле сите чинии, не сакале да платат затоа што, наводно, на еден од нив му паднала пломба од забот.

„Ние имаме нормални цени, па тука доаѓаат луѓе кои сакаат добро, а ефтино да јадат. Една лепиња со 10 кебапи со кајмак и со ајвар, е 11 ипол евра, една пица со пиво – 12 евра, и тоа понекога на помладите им е многу, ама не им е многу да дадат 13 евра за еден коктел“, се смее тој. Најмногу му се трошат, вели, тестенините и пицата со морски плодови.

Ние сепак пробавме други две: онаа со рукола и шери доматчиња и онаа со кулен. Двете беа фантастични, а тестото, иако нашиот домаќин кажа дека е малку потврдо од тоа како треба да биде затоа што печката сѐ уште не е добро загреана, беше фантастично!