Божиќен бакалар среде лето

Нашиот домаќин во Загреб, г.Иван Луетиќ, е вистински експерт за приготвување најразлични домашни специјалитети од риба. Прави одличен бродет од различни видови морски животни, а овој специјалитет од бакалар кој обично се спрема за Божиќ ни го направи среде лето, во својот дом во Запруџе

0
408

На враќање од нашата „турнеја“ низ Хрватска и Словенија, застанавме во Загреб да се видиме со натурализираната загрепчанка Марина Луетиќ и нејзиниот сопруг, загрепчанецот Иван, по професија агроном, но голем гурман и љубител на далматински специјалитети кои самиот ги приготвува по рецептот на неговата баба Фаустина Доминис која потекнува од местото Сали на Дуги Оток.

Неговата сопруга, Македонката Марина, вели дека прави и одличен бродет од угор (вид на морска риба), од шкампи, од лигњи…

Овојпат, бидејќи ни беше одамна ветено, ни подготви бакалар кој обично се прави за Божиќ. Но тоа не не спречи да уживаме во овој специјалитет и среде лето.

Состојки:

1 кг сув бакалар (најквалитетни се норвешките бакалари)

Доколку нема кај нас, секогаш можете да нарачате од некого, на пример, од Хрватска, затоа што се суви и можат да се транспортираат и на топло време. (Не треба да се премногу мали, најмалку барем 400 грама)

Неколку компири (во зависност од тоа колку луѓе ќе јадат)

Неколку чешниња лук (по ваш вкус)

маслиново масло

сол, црн пипер, свеж магдонос

Приготвување:

За приготвување на бакаларот е потребно време. Се става во вода да отстои најмалку 24 часа, а за тоа време треба да се смени водата барем двапати, додека не омекне.

За да не замириса непријатно во цела куќа, завиткајте го тенџерето со вода во која е потопен бакаларот, во пластична кеса.

Нашиот домаќин откри дека кожата и остатоците од бакаларот е полесно да се исчистат претходно, додека е сув, а подоцна, кога ќе омекне се чисти од коските за да остане чисто месо.

Се става во тенџере со вода и сол да се вари околу 1 час. Се додаваат компирите исечени на покрупни коцки и кога ќе се сварат и тие, се зачинува со црн пипер и ситно сечкано лукче, се додава маслиново масло и ситно сечкан свеж магдонос.