Гастро дестинација: Најголемиот светски тематски агро-парк на Eataly (ГАЛЕРИЈА)

Денеска постојат франшизни продавници Eataly низ целиот свет, од Истанбул до Стокхолм, од Њујорк до Москва. Ние ја посетивме онаа од која почна сѐ - во Торино. Сега, со нетрпение очекуваме да го видиме и најновото од Eataly - FICO Eataly World, во Болоња, Италија.

0
226

Патниците доаѓаат во Италија поради низа причини: да уживаат во убавината на нејзините градови со голема историја, во уметничките колекции и да не заборавиме – во храната.

Сега има уште една нова причина да ја посетите оваа земја, а тоа е најновото вложување од страна на меѓународно реномираните пазарни емпориуми, Eataly.

Станува збор за најголемиот светски агро-парк кој е за италијанската кујна она што е Дизни за светот на забавата: најголема и најимпресивна дестинација која функционира на повеќе нивоа: забава, образование, шопинг и јадење. Тоа е ново туристичко место, вистинска дестинација достојна за вашето следно гастрономско патување.

FICO Eataly World, ве води на кулинарско патување во Болоња, во тематски гастрономски парк кој се простира на 108 000 метри квадратни на кој се наоѓаат пасишта и градини, 6 тематски „возења“, 40 работилници и 25 ресторани и штандови со храна кои на безброј начини ќе го служат „светото тројство“: пица, тестенини и палента.

Под паролата „Од вила во поле до вилушка на маса“, FICO Eataly World претставува разновидни специјалитети на италијанската кујна, но им овозможува на посетителите да научат по нешто за самите процеси на одгледување на одделни намирници, и приготвување на јадења и пијалоци.

Eataly е најголем затворен пазар на светот со исклучиво италијанска гастро понуда, а ја сочинуваат разновидни ресторани, штандови со храна и пијалоци, пекари, продавници и школи за готвење.

Првиот затворен пазар Eataly бил отворен во големата хала на некогашната торинска фабрика за вермут, а денеска има свои франшизи во 30 светски градови, од САД до Јапонија. А најновото – FICO Eataly World е интересно гастрономско искуство кое не би требало да го пропушти ниеден гурман.

Тука станува збор за сериозен проект: на пасиштата има 9 различни видови крави, 5 видови свињи, 5 видови кози, 5 видови овци, па зајаци, гуски и кокошки бисерки, а ако некогаш сте се запрашале од каде доаѓа вашиот фирентински бифтек, тогаш еве можност да научите нешто ново: во Италија, односно, во Тоскана, се одгледува вид на стока која се вика chianini и нејзиното месо се користи за приготвување бифтеци.

А што се однесува до работилниците, посетителите ќе можат да видат сѐ: од процесот на сушење пршут до мелењето пченица во брашно од кое потоа се прават домашни тестенини.

FICO Eataly World е ветена земја за љубителите на среќните калории кои доаѓаат во форма на јагленохидрати и вино, но и многу повеќе од тоа.

Цената на целиот проект е над 106 милиони долари, а влезот е бесплатен. Се очекуваат околу 6 милиони посети годишно, од што околу 2 милиони туристи.

А она што екипата на АРТ кујна можеше да го види за време на неодамнешниот престој во Торино, на Тера Мадре 2018., е првиот Eataly кадешто, кога станува збор за гастрономијата, можете да ја видите буквално цела Италија на дланка.

Маркет и пазар, всушност, десет пазари спакувани на едно место, кадешто освен што можете да купувате, имате и ресторан и буквално сѐ мириса на Италија, додека ви доаѓа вода на уста, а проблемот е само еден – не можете да се одлучите затоа што сѐ, апсолутно сѐ што ќе замислите или пак не сте ни знаеле дека постои од намирници, е тука и тоа во илјадници варијанти.

Вино, зачини, пасти, рижото, свежа риба, месо, намази, органска козметика…сето тоа и плус џелато. Секој залак и секоја голтка вино не можат да се прераскажат, затоа што кога сте во Италија и јадете италијански јадења од италијански производи, само можете да занемите и задоволно да се смешкате размислувајќи само за тоа колку сте среќни што сте токму тука.

Концептот на Eataly претставува се најдобро што Италија може да ви понуди. Нивната понуда е разновидна, од паста и маслиново масло, преку месо, риба, пршути, колбаси, овошје и зеленчук, сирење и вино…и се базира на продажбата на производи од локални, мали производители, главно од Пиемонт.

Инаку, визијата на оснивачот на Eatily, Оскар Фаринети, е да ги промовира најдобрите италијански производи во светот, а се покажа како многу успешна, затоа што за десет години стана светски познат бренд, а желбата на Фаринети, пак, квалитетните производи да им бидат достапни на сите, а не само на потесен круг луѓе кои можат да си ги дозволат, стана реалност.