Кај отиде светов? (ВИДЕО)

Некои прават мармалад и кечап во машина за месење леб, а она за што слушнав неодамна, а излезе дека сите околу мене веќе го знаат, е и подготвувањето храна во машина за миење садови.

0
720

Животот без технологија, модерна комуникација и други благодети кои ни стојат на располагање денеска, порано бил сосема поинаков и тоа не толку одамна.

Дури и мајка ми сѐ уште чува една фотографија на која е сликана со машината за перење – сосема нова, која ѝ ја купил татко ми еден убав ден. Секако, тоа било пред да се родиме ние, а сите имаме барем половина век, ама зборот ми е дека сепак не зборувам за период од векови наназад.

Денеска не постои домаќинство кое би можело да си го замисли животот без електрични апарати, без интернет, како и многу други апарати за секојдневна употреба.

А како живееле пред ова?

Па на пример, храната морало да се искористи што порано затоа што немало фрижидери, а она што можело некако да се преработи, се преработувало. На пример, месото морало да се суши, а постоела и метода кога тоа се ставало во дрвени буриња со многу сол.

За зеленчук и овошје исто така се користел метод на сушење, но се користеле и дупки во земјата во кои се уфрлал зеленчук, претежно компирите кои потоа се прекривале со земја за да се заштитат. Од овошјето се правеле сокови и компоти, а и се сушело за да трае до зима. Се разбира, сите дома меселе леб и тоа без машина за леб.

Некогаш се готвело на отворен оган, а потоа дошле шпоретите на дрва. А потоа и сѐ друго.

Иако сега е тренд па некои повторно се враќаат на стариот начин на готвење, на пример, под сач или во котле на оган, некои пак воведуваат некои сосема нови и навистина необични начини на приготвување на храна.

На пример, некои прават мармалад и кечап во машина за месење леб. Да, дури и сум пробала мармалад од јагоди подготвен на овој начин. Но тоа е само за оние кои не се мегаломани, туку сакаат по 1-2 тегли од секое овошје.

Она за што слушнав неодамна, иако излезе дека сите околу мене веќе знаат за тоа, е и подготвувањето храна во машина за миење садови.

Некои во неа прават зимница, на пример, жива туршија, а некои и комплетни оброци. Искрено, не сум пробала ништо од ова, но мојата колешка веќе направила на овој начин кисели краставички. И тоа уште лани.

Не знаеме додека не пробаме. Па кој сака, еве едно видео како се готви во машина за садови.

Фото: Pixabay