Доколку сте интолерантни на лактоза, една од најпопуларните алтернативи што ви се нудат е млекото од соја. Иако ова млеко е одличен извор на протеини, меѓу потрошувачите често владее страв поради појавата на ГМО соја, поради што сојата е сѐ уште прилично контроверзна намирница.
Ако сте во недоумица дали да прејдете на млеко од соја, еве неколку предности и маани на ова млеко кои ќе ви помогнат да се одлучите.
Кои се предностите?
Млекото од соја е одлична замена за кравјото млеко доколку сте интолерантни на лактоза или доколку сте веган. Интолеранцијата на лактоза може да предизвика отекување, грчеви, диареја, гасови и повраќање при консумацијата на обично млеко, поради што млекото од соја е одлична алтернатива бидејќи не содржи лактоза. Неодамнешната студија покажала дека сојата може да го намали нивото на холестерол во крвта со што го намалува ризикот од срцеви заболувања.
Освен што не е калорично, дополнителни предности при консумацијата на млеко од соја се:
Високата содржина на магнезиум и тиамин
Високата содржина на влакна
Ниската содржина на заситени масти
Витаминот Б1 или тиаминот во млекото од соја ќе обезбеди правилна работа на мускулите, додека високата содржина на влакна е одговорна за спречување на констипацијата и гастроинтестиналните болести.
Кои се мааните на млекото од соја?
Еден од главните недостатоци на млекото од соја е ниската содржина на калциум. Нивото на калциум во млекото од соја е и до три пати помало отколку во обичното млеко. Претераната консуација на соја може да биде причинител за болести на штитната жлезда, а исто така, може да доведе и до алергиски реакции. Заради својот специфичен вкус, млекото од соја често доаѓа во засладена форма поради што може да има покачена калориска вредност. Ќе забележите дека вкусот на сојата кај секој производител е поинаков, што зависи и од количината на засладувачи или засилувачи на вкусот кои се додаваат во млекото.
Ако сте збунети и сѐ уште не сте одлучиле дали млекото од соја е доволно добра замена за обичото млеко, разгледајте ги и останатите опции кои се нудат. Бадемовото, кокосовото или оризовото млеко исто така имаат свои предности и се одлична замена за обичното млеко доколку страдате од интолеранција на лактоза.
Фото: Unsplash