Амбасадата на Франција и Францускиот Институт во Скопје, во соработка со Јавна соба, го организираат по втор пат настанот „Вкусот на Франција“ – Goût de/ Good France во понеделник, на 21 март во 18.30 во Јавна соба, во Скопје.
Ваква вечера ќе се одржи во исто време во многу ресторани низ целиот свет. Повеќе од 1.500 готвачи на пет континенти ќе и оддадат почит на француската кујна. Готвачот Марк де Јонг ќе подготви вечера за 200 гости во Јавна соба. На менито се: супа со кромид, салата од рукола со вргањ и магдонос, свинско филе во сос од сенф, мешан зеленчук и потпечен компир, камамбер или топло козјо сирење врз тост со мед, тарт татен или нормандиска пита со јаболка и калвадос.
– Целта на овој настан е француската кујна да се поедностави за да биде подостапна за луѓето. Сакаме да се промовира француската кујна за да се покаже дека таа е елемент од француското наследство – рече француската амбасадорка во земјава Лоренс Оер, денеска на прес конференција на која најави дека вечерта во понеделник и во француската резиденција ќе се организира гастрономска вечер, под раководство на главниот шеф на резиденцијата, Младен Бурчиовски.
Таа се надева дека следната година повеќе ресторани ќе се приклучат на ова движење и дека овој настан традиционално ќе се одржува секоја пролет.
– Кујната е нешто што зближува, блиска врска помеѓу луѓето. Нема висока и ниска кујна, тоа е момент на задоволство каков што сметам дека ќе имаме и ние тука во понеделник. Вакви настани ќе се организираат и во Битола, Тетово и во други градови. Многу би сакале еден ден и тука да се отвори француски ресотран – додаде Оер.
Настанот „Вкусот на Франција“ е организиран по иницијатива на реномираниот готвач Aлен Дикас и на Министерството за надворешни работи и меѓународен развој, со цел да се истакне уметноста на живеењето на француски начин, француските производи и ја валоризира Франција како дестинација.
– Овошјето и зеленчукот се многу, многу вкусни во Македонија, веројатно благодарение на 240-те сончеви денови што ги имате. Работам со повеќе зеленчук ама на француски начин. Сакам да ги научам луѓето како да готват на француски начин со локалните намирници – вели Де Јонг, кој од пред две години е преселен во земјава и работи како консултант за готвење и како готвач.
Тој денеска заедно со вработените во Јавнa соба на новинарите им зготви традиционална француска супа со кромид.
Амбасадорката Оер смета дека се повеќе се зближуваат македонската и француската кујна, како и дека се повеќе се користат зеленчук и интегрални житарки.
– Во многу јадења може да се забележи сличност, на пример македонското тавче гравче се поистоветува во француското касуле – додава Оер, истакнувајќи дека има сличности и кај вината и десертите.
Во знакот на гастрономската соработка меѓу Македонија и Франција, во моментов 30 ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“ стажираат во ресторани во Тулон, а десет ученици од Франција, пак, се на пракса во ресторани во земјава.